Поранешниот премиер и азилант во Унгарија, Никола Груевски, во интервју за ТВ Сител рече дека бил подготвен да оди во затвор, но оти во последен момент ја сменил одлуката затоа што добил информации кои укажувале на веројатно планирана негова ликвидација во затворот.

– Најпрвин бев со намера доколку власта оди до крај, а се гледаше дека ќе оди до крај, бев со намера да влезам во затвор иако неправедно бев политички прогонуван, иако со тотално луди пресуди кои немат никаква правна основа, но во последните денови добив одредени информации кои укажуваа на веројатно планирана моја ликвидација во затворот – рече Груевски, во прво интервју за макеоднски медиум по бегството од Македонија лани во ноември.

Информациите за негова ликвидација, како што наведе, ги добил „од добро информирани лица од внатре, но не може јавно да каже кој стои зад ликвидацијата од причина што не можел во моментов да го докаже.

– Не можам да го кажам тоа јавно од причина што не можам во моментов да го докажам. За да обвините некого треба да имате цврсти докази, но имав сигурни сознанија од сигурни лица, така што ја променив одлуката и одлучив да заминам од Македонија и да побарам азил заради политички прогон – рече Груевски.

Тој наведе дека „од Македонија заминал едноставно, во Албанија“, каде од тамошната унгарска амбасада побарал политички азил. Не сакаше да каже дали поминал на легален или нелегален начин и оти остава тоа да го открие власта.

– Од Македонија заминав многу едноставно. Заминав во Албанија. Се пријавив во унгарската амбасада во Тирана каде што побарав политички азил и оттаму дојдов во Унгарија на начин што беше одлучено по одредени нивни внатрешни консултации поради фактот што долги години бев претседател на Влада, поради безбедносни причини добро е да бидам транспортиран на некој начин до Унгарија – наведе Груевски.

Кон Унгарија ја користел личната карта, но не може, како што рече, да даде одговор дали ја користел за да излезе од Македонија и тоа им го остава на властите да го откријат.

– Не можам да ви одговорам во тој дел во овој период, ќе оставам малку власта да поработи на тоа затоа што најавуваат дека се ќе откриеле. Но откако заминав во Албанија, натамошното движење беше со мојата лична карта до границата меѓу Србија и Унгарија, а во Унгарија влегов со издаден документ од унгарската амбасада во Тирана – наведе Груевски, посочувајќи дека Владата треба да утврди дали ја преминал албанската граница на легален или на нелегален начин.

Во бегството, како што рече, не му помогнале луѓе од власта.

– Власта да ми помогне? Не. Власта да може нешто друго лошо да ми направи, би ми направила, а не да ми помогне – истакна Груевски во интервјуто за ТВ Сител.