Извршената верификација на системот на граничните премини од страна на албанските власти потврдила дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски, Албанија ја напуштил на 11 ноември околу 19 часот, јави тиранската телевизија Ора њуз.

Груевски од Албанија излегол преку граничниот премин Хан Хоти-Муриќан, на албанско-црногорската граница. Тој, наводно, бил во дипломатско возило на унгарската амбасада и поседувал пасош на негово име, според информациите во албанските медиуми.

Повикувајќи се на сигурни извори, телевизијата Топ чанел, наведува дека од прегледот на ТИМС системот на премините, произлегло дека тој на албанска територија не влегол преку официјален премин, туку илегално преку зелениот појас.

Претходно унгарската амбасада во Тирана ниту ја потврди, ниту ја демантираше информацијата дека Груевски, една ноќ минал во оваа амбасада.

За тиранската телевизија Топ чанел, од амбасадата кусо одговориле дека „не ги коментираат процеси што се во тек“, поаѓајќи од фактот дека барањето за азил на Груевски се разгледува во Будимпешта.

Некои регионални медиуми пренесоа дека Груевски заминал за Будимпешта од аеродромот во Тирана, откако минал една ноќ во унгарската амбасада.