Немам време да дишам, а камоли да се сретнам со Груевски, порачал премиерот Виктор Орбан, одговарајќи на пратенички прашања во унгарскиот парламент, објави тамошниот интернет-портал „Азонали“. Но, оправдувањето на Орбан не дава одговор за мотивите за доделувањето на азил за поранешниот македонски премиер, кои се обиде да ги објасни унгарскиот аналитичар Петер Креко во неговата анализа за интернет-порталот „ЕУ обзервер“.

– Извесно е дека одлуката за доделување азил е искучиво на Орбан. И таа може да има негативни дипломатски последици. ЕУ и САД упатија критики, а таа би можела дополнително да го наруши кредибилитетот на унгарската надворешна политика и да предизвика ескалирање на тензиите со Вашингтон. Потенцијалниот скандал би можел да ја ослабне положбата на Унгарија во преговорите за буџетот на ЕУ. Затоа се поставува прашањето зошто Орбан го преземал ризикот – пишува Креко.

Меѓу причините за одлуката на Орбан се наведува идеолошкото сојузништво со Груевски, кое, наводно, го поттикнало унгарскиот премиер да ја почне кампањата „Стоп Сорос“. Доделениот азил може да претставува и порака за западните партнери оти Орбан „не го засегаат нивните ставови“, односно дека не гледа потреба да се потчини на интересите на Вашингтон и на Брисел. Згора, потегот на Унгарецот може да ги задоволи важните партнери од Истокот. Унгарската влада го поддржуваше Груевски чија партија се противеше на промената на името на Македонија, неопходно за придружувањето на НАТО.

– Одлуката не се објаснува преку интересите на надворешната политика на Унгарија, бидејќи таа во последните дваесет години конзистентно ја поддржува евроатлантската интеграција на Западниот Балкан. Овој потег им служи само на интересите на Русија – смета Креко.

Аналитичарот од институтот „Политикал Капитал“, додава оти Орбан е уверен дека што и да направи, тоа ќе остане без сериозни последици од ЕУ, НАТО, ЕПП и од Вашингтон.

– Досега беше во право. Ако ситуацијата остане ваква, тој ќе продолжи да чекори кон Истокот, истовремено уживајќи ја безбедноста на западните институции како ЕУ и НАТО и капитализирајќи на нивното отсутво на акција – заклучува Креко.


Орбан: Не успеав да се сретнам со Груевски, среќен сум што сум жив

Унгарскиот премиер негираше дека се сретнал со Груевски и во изјава за „Азонали“.

– Не. За жал, уште не успеав. Среќен сум што сум жив. Но, не паничете. Ќе ви кажам ако средбата се случи – порача унгарскиот премиер.