Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денес беше домаќин на грузиската претседателка Саломе Зурабичвили, која е во официјална посета на земјава.

Како што информираат од кабинетот на Груби, интеграцијата во НАТО и процесот на интеграција во Европската унија биле една од темите на разговорот.

– Република Северна Македонија е подготвена да понуди помош од своето искуство на патот кон НАТО и да сподели искуство во делот на реформите што се бараат во процесот на пристапување кон Европската унија – нагласил Груби.

Политичката состојба во Грузија, односите со соседните земји, вклучително и Русија, конфликтите во Украина и Нагорно Карабах исто така биле дел од разговорот меѓу првиот вицепремиер и грузиската претседателка.

– Република Северна Македонија ќе понуди соработка во процесот на реформите што треба да се направат во Грузија, вклучително и во областа на правдата, судството и обвинителството, како и безбедносните структури – порачал Груби.

На средбата станало збор и за економската соработка меѓу двете земји, при што било нагласено дека само минатата година извозот бил 242.962 евра и увозот 102.803 евра, додека за следниот период има тенденции да се воспостави подлабоко бизнис партнерство.

Груби и Зурабишвили разговарале и за процедурите кои следуваат за назначување на двајца почесни конзули на Грузија во Република Северна Македонија и тоа во Скопје и Штип.