Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во март 2018 година, Владата донесе измени на Законот за заштита од пушењето со кои се дозволи пушење и во целосно затворените тераси, бавчи и платформи надвор од угостителските објекти. Ваквото ублажување на законот, според иницијаторите на петицијата за враќање на стариот закон, го искористија кафеанџиите, кои прекуноќ дозволија да се пушти не само во затворените тераси и бавчи туку и во другите делови од објектите

Повеќе од 5.000 граѓани до вчера ја потпишаа електронската петиција со која бараат враќање на стариот закон против пушењето во затворен простор, реагирајќи на појавата на масовно пушење што сега се случува во речиси сите угостителски објекти, но и на слабата инспекциска контрола. Државните органи надлежни за контролата на спроведување на законот, засега, немаат ниту сумирани податоци, ниту објаснување за, како што тврдат иницијаторите на петицијата, неговите масовни прекршувања.
– Доста е труење од туѓите лоши навики, доста е усмрдување на облека, коса и тело од чадови! Се работи за вашето и нашето здравје! Се работи за здравјето на нашите деца! – се вели во образложението на петицијата.

Во март 2018 година, Владата донесе измени на Законот за заштита од пушењето со кои се дозволи пушење и во целосно затворените тераси, бавчи и платформи надвор од угостителските објекти.
Ваквото ублажување на законот го искористија кафеанџиите, кои прекуноќ дозволија да се пушти не само во затворените тераси и бавчи туку и во другите делови од објектите.

– Ова е срамота што го направи власта. Можеби го имавме единствениот европски закон против пушењето со кој бевме лидери дури и во Европа, а само поради лични хирови на група пратеници и, секако, поради ненаситноста за профит на угостителите, тој се промени и сега повторно се пуши секаде. Ниту излегува некаде инспекција, ниту, пак, некој газда на кафуле се плаши дека ќе биде казнет. Дури ни носат и пепелници на масата. Ова е голем чекор назад – вели Дарко Стефановиќ од Скопје.
Тој додава дека веќе престанал да излегува бидејќи не може да ги поднесе зачадените простории.

– Пред извесно време седнавме со сопругата и со наши пријатели во кафуле. Луѓето на соседната маса слободно си запалија цигари. Кога го прашавме келнерот зошто дозволуваат пушење, тој ни кажа дека тој дел бил за пушачи. Замислете, физички неодвоена просторија има дел за пушачи и за непушачи. Каков апсурд. Кога се вративме дома бевме замирисани до кожа. Навистина е фрустрирачки – револтиран е Стефановиќ.

Токму револтирани граѓани неодамна направија и мапа со угостителски објекти во Скопје и низ земјава во кои не се пуши или во кои има непушачки дел што е физички одвоен од пушачкиот.
Во време кога повеќето македонски градови се на врвот на светските листи според загаденоста на воздухот, пушењето во затворен простор дополнително влијае врз здравјето на луѓето, така што изненадуваат слабите инспекциски контроли.
Ублажувањето на законот беше критикувано и од лекарите, кои истакнаа дека токму претходниот, ригорозен закон против пушењето придонел за намалување на бројот на пушачи кај помладата популација.

– Јас и пред Собранието се борев против изгласувањето на измените на Законот за заштита од пушењето бидејќи знаев дека ќе се злоупотреби. Едноставно ние сме таков тип народ, ако на човек му дадете еден прст, ќе ја земе целата рака. Факт е дека не се испочитува законот и сега ни се случува она што не требаше да се случи – вели Елена Ќосевска, специјалистка по социјална медицина и началничка на Одделението за промоција на здравје и здравствена едукација при Институтот за јавно здравје.
Токму таа беше вклучена во изработката на повеќе студии на СЗО за употребата на тутунот кај тинејџери од 13 до 15 години, констатирајќи дека во изминатите години кај младите се бележи значително намалување на пушењето.

– Ако ние продолжиме добро со овој тренд за непушачи кај деца, тие ќе продолжат да бидат непушачи како возрасни – истакна Ќосевска, притоа додавајќи дека следниот извештај, некаде следната година, би требало да покаже дали овој тренд е задржан и по донесувањето на законските измени.

Според извештајот за 2018 година на Државниот пазарен инспекторат(ДПИ), инспекторите извршиле 1.370 инспекциски надзори на територијата на целата земја во врска со почитувањето на Законот за заштита од пушењето.
– Поради тоа што во Државниот пазарен инспекторат нема софтверска апликација за евидентирање на инспекциското работење, податоците за статусот на поднесените прекршочни пријави до прекршочните комисии и основни судови, како и за статусот на поднесените кривични пријави ги нема во извештајот – се наведува во Годишниот извештај на ДПИ за 2018 година.