Граѓаните поднесуваат меѓу три и четири илјади претставки годишно до Народниот правобранител, а само за десетте месеци од тековната година се поднесени над 3.100 претставки, информираше денеска Народниот правобранител Иџет Мемети, кој учествуваше на јавниот настан „Народниот правобранител и локалната власт:подобра соработка за поголема заштита на правата на граѓаните“.

Додаде дека во вкупниот број претставки многу мал е бројот на тие што се однесуваат на локалната власт, а многу голем е тој што се однесува на централната.

– Најмногу од претставките се однесуаат на судската власт. Граѓаните најмногу се жалат на таа власт. Понатаму следуваат потрошувачките права и другите права како што се од работен однос,  социјалните права и други, рече Мемети.

Според него, голем е процентот на препораките што се прифаќаат од страна на прекршителите на правата на граѓаните.

-Од 1.100 констатирани повреди,  околу 1.000 наши препораки се прифаќаат со што успеваме на многу наши граѓани да ја попречиме повредата или да им ја санираме. Но, од друга страна, нашите општи препораки се проблем. И тешко таму се пробива мразот властите да ги прифатат и спроведат нашите препораки, смета Мемети.

Одоговарајќи на новинарско прашање дали е задоволен од буџетот кој е планиран од страна на Владата за Народниот правобранител за идната година, Мемети рече дека е задоволен и оти се усоглосени со Владата и министерот за финансии. Планираните средства се доволни  за вршење на работата и им се одобрени средства за прием на нов кадар во инстутуцијата.

Градоначалникот на Струмица Коста Јаневски кој истакна дека зборот „граѓани“ е заеднички именител на двете институции.

-Еден од доказите за подготвеноста на локалните власти да соработуваат со Народниот правобранител е и постоењето на Локалното координативно тело за заштита од дискриминација, формирано од општина Струмица, а во кое членува и претставник на струмичката подрачна канцеларија на Народниот правобранител, рече градоначалникот Јаневски.

Настанот се организираше во рамки на проектот „Граѓанскo набљудување на Народниот правобранител“, спроведуван од НВО „Инфоцентар“,а поддржан од Амбасадата на САД во Република Македонија.