Вообичаено, 75 отсто од оружјето во некоја земја е во посед на граѓаните, а со преостанатиот дел располагаат војската, полицијата и разни служби за обезбедување, додека на просторот на Западен Балкан тој процент достигнува дури 90 отсто

Граѓаните на земјите од регионот поседуваат околу шест милиони парчиња оружје од различен калибар, од кои дел е легално вооружување, а дел нелегално. Тоа го покажаа многубројните истражувања, меѓу кои и неодамнешното на Центарот за контрола на лесно оружје во Југоисточна Европа, според кое на просторот на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Србија во просек има 30 парчиња оружје на 100 жители, што е дури за 15 проценти повеќе од светскиот просек.

Во своја анализа на темата, белградскиот неделник НИН, пак, објаснува дека вообичаено 75 отсто од оружјето во некоја земја е во посед на граѓаните, а со преостанатиот дел располагаат војската, полицијата и разни служби за обезбедување, додека на просторот на Западен Балкан тој процент достигнува дури 90 отсто.
И женевскиот институт за меѓународни и развојни студии „Смол армс сурвеј“ во својата последна анализа заклучува дека од 100 граѓани на Македонија, дури 29,8 поседуваат малокалибарско оружје. Во однос на регионот, во истражувањето се заклучува дека бројките се значително повисоки, при што предводат Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора.

За потсетување, во нашата држава досега биле спроведени неколку акции за легализација на оружјето, но на нив немало поголем одѕив кај граѓаните, што, според упатените, се должи на фактот дека претходно не биле спроведувани адекватни кампањи. Освен тоа, лани во јуни во нашата земја стапија во сила и измените во Законот за оружјето. Како што соопштија тогаш од МВР, за замена на постојните со нови дозволи, потребно е физичко или правно лице да поднесе барање најдоцна во рок од пет години од денот на стапување во сила на овој закон, односно најдоцна до јуни 2023 година. Овој закон, во споредба со претходниот, предвидува повеќе обврски за оние што поседуваат оружје во делот на негова регистрација, како и ограничувања во однос на возраста на лицата што сакаат да поседуваат оружје. Со овој закон, на пример, лица помлади од 25 години нема да можат да добијат дозвола за поседување оружје доколку претходно две години не членувале во стрелачко друштво.
Според изјавите на надлежните, овие законски измени се дел од процесот за усогласување на домашната со регулативата од ЕУ.

Џабир Дерала, претседател на невладината организација „Цивил“, која редовно е активна на проблематиката поврзана со легалното и нелегалното оружје во земјава, вели дека оваа проблематика во принцип сега е солидно законски регулирана и многу подобрена за споредба со претходниот период.

– Можам да кажам дека иако оваа состојба е подобрена во Македонија, сѐ уште постои простор за подобрувања – заклучува Дерала.

Според него, областите што можат подобро да се регулираат се едукацијата на луѓето што поседуваат оружје и контролата на службеното оружје што е во рацете на униформираните лица, како што се полицијата, армијата и агенциите за приватно обезбедување.

– Во овие делови ние имаме констатирано потреба од сериозни ревизии на одредбите што го регулираат службеното вооружување, бидејќи сме сведоци дека токму тоа оружје се користи во трагични инциденти, а понекогаш и во криминалот – објаснува Дерала.

Тој додава дека, сепак, поголем проблем за државата е нелегалното оружје, бидејќи врз него нема никаква контрола од институциите. Во меѓувреме, од МВР не успеа да одговорат на прашањата поврзани со оваа тема. Во недостиг од понови официјални информации, за потсетување се последните публикувани статистики од МВР, кои велат дека најмногу дозволи за поседување оружје се издадени во 2004 година, кога дури 7.147 македонски граѓани добиле документ од МВР дека оружјето го поседуваат легално.

Фото: Дарко Андоновски

[email protected]