Новиот Закон за бесплатната правна помош, кој на голем број граѓани ќе им овозможи пристап до правдата и остварување на нивните права, денеска стапува во сила.

Граѓаните што се во незавидна финансиска положба може да се обратат до Министерството за правда и до неговите подрачни единици и да побараат да им се даде правна помош или да им се обезбеди адвокат што ќе биде платен од буџетот на Министерството. Новина во законот е што сега се покриваат сите трошоци поврзани со обезбедувањето на правната помош.

Министерката за правда, Рената Дескоска, рече дека овој закон придонесува кон градењето на владеењето на правото, но и содржи и една хумана димензија, која подразбира дека материјалните можности не смее да бидат пречка за остварување на правата на граѓаните.

Дескоска потенцира дека со овој закон граѓаните што немаат доволно финансиски средства ќе може да ги остварат своите права пред судовите, пред управните органи, но и пред други државни органи, како што се Уставниот суд, народниот правобранител и други институции.

Бесплатната правна помош граѓаните може да ја добијат за имотно-правни спорови, должничко-доверителски односи, за прашања од пензиско и инвалидско осигурување, за застапување жртви на семејно насилство, за остварување социјална помош, за спорови со осигурителни компании итн.

Новина во законот е што сега се покриваат сите трошоци поврзани со обезбедувањето на правната помош. Досега не се покриваа судските такси, трошоците за вештачење и слично, што беше пречка за многумина да добијат заштита поради дополнителните трошоци.

Со новиот закон корисниците на бесплатна правна помош се ослободуваат од судски трошоци и од трошоци за вештачење и тоа ќе се врши од Бирото за судски вештачења без надомест.

Дескоска рече дека со години буџетот за оваа намена беше 3.000.000 денари, а оваа година изнесува 5.000.000 денари.

Бесплатна правна помош може да искористи оној што живее сам, а неговиот месечен приход да не е поголем од утврдената минимална плата, ако живее во семејство – вкупниот приход да не биде поголем од минимална плата зголемена 20 отсто од минималната плата за секој член одделно. Тоа значи 12.500 денари плус .денари или вкупно 15.000 денари месечен приход ако е двочлено семејство, или 17.500 денари за тричлено семејство, 20.000 за четиричлено семејство итн.

Притоа како приход не се смета надоместок за помош и нега од друго лице, родителски додаток за дете, детски и посебен додаток, додаток заради посебни потреби, надоместок на плата за скратено работно време итн.

Исто така, барателот на правна помош не треба да има повеќе од еден едностанбен објект или стан во зграда, да нема повеќе во сопственост од една или повеќе физички поврзани парцели со вкупна површина од 300 квадратни метри во Скопје, 500 квадратни метри во другите општини, односно една или повеќе парцели со вкупна површина не поголема од 5.000 метри квадратни во рурални средини и едно моторно возило до 1.200 кубни сантиметри.