Постојат сериозни научни студии, кои ја докажуваат штетноста од ГМО-храната врз човековото здравје, природата и локалното земјоделство, истакнуваат од неформалната група граѓани и организации „Коалиција против ГМО“ по најавата дека се укинува забраната за производство, ставање во промет и увоз на храна и производи што содржат ГМО

Безбедноста на храната добиена со помош на генетски модифицирани организми и истражувањата поврзани со неа сѐ уште се во многу рана фаза со многу недоследности, поради што на Македонија ѝ е потребен мораториум по ова прашање, барем додека се утврдат повеќе факти за ефектите од нејзиното производство и користење. Со овој став вчера излезе неформалната група граѓани и организации „Коалиција против ГМО“ откога директорот на Агенцијата за храна и ветерина (АХВ), Зоран Атанасов, пред неколку дена најави бришење на членот 55 од Законот за безбедност на храната, кој гласи: „Се забранува производство, ставање во промет, увоз во Република Македонија на храна и производи од храна, кои содржат ГМО или се составени од ГМО“.

Коалицијата изнесува спротивни тврдења од оние на Атанасов, повикувајќи се на, како што наведува, научни студии до кои посочува и интернет-линкови.

– Атанасов во својата изјава тврди дека нема ниту едно истражување што ја докажува штетноста на генетски модифицираната храна. ГМ-храната е докажано штетна на два начина: врз човековото здравје и врз природата. Постојат сериозни научни студии, кои ја докажуваат штетноста од ГМ-храна врз човековото здравје – се вели во соопштението од коалицијата.

Оттаму истакнуваат дека ГМО кај луѓето ја загрозува плодноста, го зголемува ризикот од канцерогени заболувања, аутизам и генетски мутации, а кај природата предизвикува уништување на локалниот биодиверзитет и нарушување на рамнотежата. Кај локалното земјоделство, пак, како што се вели во соопштението, поттикнува зависност бидејќи земјоделецот секоја година мора да купува ново семе од компании, кои на таков начин воспоставуваат контрола врз неговото производство.

Наспроти тоа, како што укажуваат од коалицијата, Македонија има богата ризница на автохтони и традиционални семиња, кои за разлика од генетски модифицираните, се природно отпорни на болести, а поради свесната практика на земјоделците за ротација на традиционалните автохтони култури не се исцрпуваат хранливите состојки и минералите од почвата, за разлика од монокултурното интензивно производство на ГМ-култури, кои може да имаат и долгорочни негативни влијанија врз микроорганизмите во почвата.

– Атанасов во својата изјава тврди дека усогласувањата на законот е во насока на стандардизација со ЕУ-регулативите. Според Европската агенција за безбедност на храната и во согласност со легислативата на ЕУ, секоја земја членка има право да одлучи дали ќе култивира ГМ-култури на својата територија – објаснуваат од коалицијата.

Во неговата изјава за медиумите, директорот на АХВ, Зоран Атанасов остана на ставот дека во светот сѐ уште нема доказ дека таквата храна е штетна за здравјето на луѓето. П.Р.