Советот на Град Скопје донесе одлука за продажба на барокната Градска куќа на кејот на реката Вардар.

– Денешнава седница ја отвораме со оваа точка затоа што во меѓувреме успеавме да го завршиме објектот којшто беше започнат можеби пред една декада. Објектот којшто е изграден од Градот, откако е дојдено новото раководство на градската администрација, во неговото завршување имаме вложено 3,2 милиони евра. Ова докажува дека ниту имало намера, ниту тенденција да не се заврши неговата изградба – изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Тој додаде дека се правени напори објектот да се стави во функција, но по сите направени анализи за капацитетот на изградениот објект е заклучено дека само три петтини од вкупниот број на вработени во градската администрација би можеле да се сместат во него, односно само 352 вработени.

Исто така, тој посочи и дека е крајно нефункционална внатрешноста на објектот заради неговата форма.

– Локацијата на градската куќа за мене е многу несреќно избрана, бидејќи народски кажано таа е отпад и тргната е на страна од главната градска инфраструктура, а за да дојдете до неа имате слаба конекција со јавниот транспорт. И мислам дека градската куќа треба да се наоѓа на многу посоодветна локација како што и го личи главниот град и како што е стандард секаде во светот – истакна Шилегов.

Тој изрази жалење што советниците од опозицијата ја напуштиле седницата и не можеле да ја чујат неговата идеја да се формира комисија во која би членувале советници, односно да бидат вклучени сите како Совет. Таа комисија да биде задолжена за продажбата, но и за евентуалното купување на некој друг објект на многу посоодветна и подостапна локација за граѓаните на Скопје.

– Сепак, би сакал да имаме надзор од Советот во целиов процес, бидејќи сакаме тој да биде јавен и транспарентен затоа што немаме што да криеме. Продажбата ќе оди со аукција, преку системот на ЗЕЛС и ќе биде видлива за сите – рече Шилегов.