Во Градскиот парк на Школка, градоначалникот Петре Шилегов денеска им додели решенија за парично наградување и благодарници на највисоко рангираните ученици и на нивните ментори, како и благодарници за здруженијата, сојузите, друштвата, асоцијациите за успешно реализирани скопски регионални натпревари.

– Денеска ги наградуваме регионалните скопски шампиони, сакам да ја искажам мојата благодарност до менторите, до акредитираните здруженија и до вас учениците што партиципирате во оваа успешна приказна. Вашата сила ученици најмногу лежи во вашето знаење и во вашето познавање. Продолжете по тој пат, затоа што само човек со високи познавања, само човек со високи дострели и цели во животот е човек кој е самостоен и ќе може да се справува со предизвиците во животот, а верувајте дека учењето е еден од најлесните предизвици со кои ќе се соочите во животот – истакна Шилегов.

Традиционалниот проект „Училиштето – место за натпревар во знаење“ е дел од програмата за активностите на Град Скопје од областа на средното образование во 2021 година. Соработката со здруженијата е остварена преку потпишување на Меморандуми за соработка помеѓу Град Скопје и секое здружение поединечно.

Поддршката е наменета за учениците, средните училишта на подрачјето на Град Скопје и здруженијата кои се учесници на натпреварите на локално ниво за повеќе наставни предмети, а со цел поттикнување на натпреварувачкиот дух и продлабочување на знаењата на учениците во различни области преку нивна промоција и наградување,

Оваа година согласно актулената состојба и согласно сите пропишани протоколи, се реализираа 7 скопски регионални натпревари по: математика, географија, информатика, биологија, француски јазик и англиски јазик.

На доделувањето на наградите на највисоко рангираните ученици и на нивните ментори, како и благодарници за здруженијата, сојузите, друштвата, асоцијациите за успешно реализирани скопски регионални натпревари присуствуваше и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.


Потпишан протокол за доделување стипендии за Сити Колеџот во Солун

Претседателот Стево Пендаровски, министерката за образование и наука Мила Царовска и претседателот на Сити Колеџ, Европскиот кампус на Универзитетот Јорк, Јанис Верверидис, денеска потпишаа протокол за соработка за доделување стипендии „Борис Трајковски” за академската 2021/2022 година.

Потпишаниот протокол предвидува нивна заедничка соработка за академската 2021/2022 година со цел да се обезбедат дваесет стипендии за Пан-европската Извршна МБА програма со двојна диплома од Универзитетот Јорк и Универзитетот во Стразбур која се реализира во Солун, Грција, а во рамките на стипендиите „Борис Трајковски“.

Секоја стипендија поединечно изнесува 14.890 евра при што педесет проценти обезбедува Владата, а другите педесет проценти ги обезбедува Универзитетот.

Изборот на кандидати за доделување на овие стипендии ќе биде спроведен заеднички од страна на Претседателот, Министерството за образование и наука, Меѓународната фондација „Борис Трајковски“ и „Сити Колеџот“, преку заедничка комисија составена од по еден нивни претставник, во согласност со условите за прием на Универзитетот и законските прописи на Македонија.

Сити Колеџот во Солун, Грција од јануари 2021 година прерасна во Европски кампус на Универзитетот Јорк, кој е член на престижната Расел група на водечки универзитети во Велика Британија и една од најголемите светски институции во областа на истражувањето.

Пан-европската извршна МБА програма е меѓународна, иновативна програма дизајнирана за денешните менаџери и професионалци кои се стремат кон подобрување на своите вештини и знаења за професионален, кариерен и личен развој. Студентите по успешно завршување на оваа програма ќе се стекнат со две дипломи за извршни мастер студии по деловна администрација и тоа од Универзитетот во Јорк и од Универзитетот во Стразбур.

Стипендиите „Борис Трајковски“ се доделуваат од 2003 година. Студентите коишто успешно ја завршија програмата, активно придонесуваат во развојот и растот на економијата и општеството на Република Северна Македонија. Стипендиите „Борис Трајковски“ промовираат пријателство и соработка меѓу Македонија и Грција.

Конкурсот за апликација за стипендиите „Борис Трајковски“ ќе биде достапен на веб-страницата на Министерството за образование и наука од следната недела.