По повеќемесечните епидемии на морбили и на грип и најновите случаи со децата заразени од бактеријата МРСА, надлежните смируваат дека состојбата е под контрола и дека училиштата и градинките се чисти, но голем дел од јавноста не го споделува мислењето

Во услови кога низ земјава владеат епидемии на морбили и на грип, а неодамна во некои училишта и градинки се појавија и случаи на дечиња заразени со бактеријата МРСА, која може да биде и смртоносна, се поставува прашањето колку се чисти градинките и училиштата и колку се внимава на хигиената во нив.
Надлежните смируваат дека состојбата е под контрола и дека училиштата и градинките се чисти, но голем дел од јавноста не го споделува мислењето.

– Санитарно-хигиенската состојба во градинките во Скопје, Тетово, Гевгелија и во Куманово, каде што беше прогласена епидемија од морбили, се проверува постојано и почесто од вообичаените проверки на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
Тие се чисти, а нашите инспектори постојано се на терен – информираат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

За училиштата оттаму рекоа дека допрва ќе излезат со став.
Кога се појави првиот случај на дете заразено со оваа бактерија, надлежните наредија да се направи итна дезинфекција на училиштето и на тоалетите, но откако тоа беше направено, се појави уште еден случај на заразено дете.

Родителите се во паника, па поради тоа не ги пуштаат своите деца во градинките и во училиштата. Велат дека поради ваквата состојба се принудени да ги остават децата дома за да ги заштитат.

– Не го носам детето во училиште затоа што ми е страв да не се зарази со бактеријата. Мора да се преземат мерки за да се реши оваа ситуација. Бараме да се врши редовен санитарен надзор, да се дезинфицираат училниците и тоалетите во училиштето, за да се заштитат нашите деца – вели една мајка чие дете посетува настава во основното училиште „Панајот Гиновски“ во скопски Бутел.

Бактеријата МРСА е стафилококна бактерија, која живее на кожата и во носот, но не е штетна освен ако не навлезе во телото. Според Центарот за контрола и превенција од болести, околу два проценти од светската популација ја носат стафилококната бактерија МРСА. Бактеријата лесно се пренесува, особено кај помалите деца, кои не внимаваат на личната хигиена, но и во овој период имаат намален имунитет. Едно дете може да е носител на бактеријата и да ја пренесува, но да не заболи од неа. Може да предизвика сериозни здравствени проблеми, како и да резултира со смрт, но не секогаш, туку кај лица што веќе имаат намален имунитет и веќе боледуваат од некоја посериозна болест. Препораките за заштита од оваа бактерија вклучуваат внимавање на личната хигиена, која подразбира редовно миење на рацете, но и да не се делат играчки меѓу децата, кои особено во градинките ги делат меѓусебно и играат со нив. Проблем со оваа бактерија е тоа што е отпорна на антибиотици и доста тешко се лекува.

[email protected]