Градинката „Ташко Караџа“ во состав на ЈОУДГ „11 Октомври“ во скопската населба Радишани ќе биде привремено затворена поради појава на морбили.

Од Министерството за труд и социјална политика попладнево соопштија дека во следните 15 дена во објектот нема да се згрижуваат деца поради поголем број заболени деца од морбили.

– Забраната стапува во сила веднаш, а е издадена од Комисијата за заразни заболувања и надлежната епидемиолошка служба. Денеска во 17 часот се прави вонредна дезинфекција на објектот „Ташко Караџа“, а МТСП ќе продолжи секојдневно да ја следи состојбата со заразната болест – се наведува во соопштението од ресорното Министерство.

Министерството за труд и социјална политика најавува дека даде препорака за вонредна дезинфекција во сите установи коишто згрижуваат деца од предучилишна возраст.