Фото: Игор Бансколиев

Палењето стрништа често се разгорува во пожарите што тешко се контролираат, влијае врз загадувањето на воздухот, а е ризично и за оние што ги палат, бидејќи во минатото токму неколку такви лица ги загубија животите палејќи остатоци од сува трева на нивите

Вкупно 15 сторители што палеле стрништа затекнале инспекторите на самото место оваа година, иако изминатиот период низ земјава гореа повеќе области, најчесто стрништа и нискостеблести растенија, што значително придонесе за разгорување на пожарите и за зголеменото загадување на воздухот уште пред да почне грејната сезона.
Проблемот со палењето стрништа се провлекува од година на година, а старата навика кај земјоделците тешко се искоренува, иако палењето е забрането со закон.
– Го палам стрништето, бидејќи така ја подготвувам нивата за орање. Тоа го правел и мојот татко, како и неговиот татко. Тоа е најбрзо, инаку треба да се откопуваат остатоците од претходната сеидба, што тоа трае многу подолго, а време немаме – вели земјоделец од скопско Долно Количани.

Палењето стрништа влијае врз загадувањето на воздухот, но носи и ризици и опасности и по оние што ги палат, бидејќи во минатото токму неколку лица и ги загубија животите палејќи остатоци од сува трева на нивите.
По притисокот на јавноста поради проблемот со енормното загадување на воздухот пред почетокот на грејната сезона, мобилни екипи од инспектори и други надлежни службеници при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, заедно со Државниот инспекторат за земјоделство, деновиве се фокусирани на подрачјето на Кочанско, каде што е забележано масовно палење на оризовите стрништа.

– Не смее да продолжи палењето на стрништата. Јавната свест мора да се издигне и не треба да има компромис. Сите прекршители да бидат казнети. Ние нема да отстапиме од намерата да ѝ ставиме крај на оваа штетна појава. Доколку не дадат резултат досегашните мерки, ќе предложиме измени во Законот, правото на субвенции да биде поврзано со незапалени стрништа – истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

И според директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Зоран Шапуриќ, оваа појава мора да се спречи, бидејќи е незаконска, а и инспекторите нагласуваат дека постојано се на терен и работат во смени за да го спречат палењето, кое влијае врз загадувањето на воздухот, но е и закана за опожарување на шумите.
– Контролите на терен се засилени, оваа година на самото место имаат откриено вкупно 15 сторители, против кои веќе имаат поднесено соодветни пријави. Сторителите многу тешко се откриваат, а ветерот неконтролирано го проширува пожарот, така што се нанесуваат штети и врз други површини со несобран род – вели Савка Веселинова, државна земјоделска инспекторка.

Сличен проблем имаат сите градови низ земјата, каде што земјоделските површини се во блиска околина. Поради тие причини, градските власти во Скопје им понудија на земјоделците во околината на Скопско бесплатно собирање на отпадоците од нивите за да спречат нивно палење и таложење на чадот во скопската котлина, при што мерните инструменти во градот во неколку наврати покажаа енормно загадување на воздухот, иако сè уште не е почната грејната сезона. Несомнено дека засилените контроли и казни ќе придонесат за намалување на оваа појава меѓу земјоделците, но, од друга страна, упатените укажуваат оти е потребно и нивно едуцирање за негативните последици по околината од палењето.