Фото: Маја Јаневска-Илиева

Репортерска екипа на „Нова Македонија“ истражува што го голта Преспанско Езеро (2)

Циклична појава, човечки фактор или, пак, нешто трето ги празни водите на Преспанско Езеро. Нашите првични истражувања ги насочивме на реонот на Долна Преспа, каде што е најочигледно повлекувањето на крајбрежната линија. Ги посетивме Подмочани, Крани, Наколец, Долно Дупени, и секаде можеше да се забележи големо повлекување на водата, некаде и до три километра од времето кога езерото имало највисок водостој

Мистеријата зошто се празни Преспанско Езеро ја заинтригира јавноста последниов период, особено последниве две години, кога нивото на езерото се намали за два метра. Ваквите случувања ја поттикнаа екипата на „Нова Македонија“ на самото место да истражи што се случува со езерото.

Циклична појава, човечки фактор или, пак, нешто трето ги празни водите на Преспанско Езеро, а првично истражувањата ги насочивме на реонот на Долна Преспа, каде што е најочигледно повлекувањето на крајбрежната линија.
Ги посетивме Подмочани, Крани, Наколец, Долно Дупени, и секаде можеше да се забележи големо повлекување на водата, некаде и до три километра од времето кога езерото имало највисок водостој, поточно од 50-тите години на минатиот век.
Разговарајќи со локалното население, но и со познавачите на состојбите во овој крај, речиси сите ни посочија на фактот дека проблемот со одливот на водите е предизвикан од долгогодишната суша, но и од карстниот состав на планината Галичица, низ чии отвори водата завршува во пониското Охридско Езеро.
Соочени со ова сознание, погледот го вперивме повторно од спроти, кон Галичица, карстна планина под која водите од Преспанско Езеро завршуваат во Охридско Езеро, со надеж дека можеби ќе ги откриеме понорите што ги голтаат преспанските води.

Тајната на Галичица

Истражувањето овој пат го насочивме кон делот на крајбрежјето под Галичица и кон Албанија, места што речиси од сите беа посочени како главен „виновник“ за истекот на езерото.
– Капете се каде сакате, само не одете накај Отешево, да не ве земит езерото – ни ги прераскажува Сузана Н. зборовите на својата баба, појаснувајќи дека старите знаеле дека во тој дел на езерото има подводни витли, каде што водата влече надолу, што можеби е потврда за подводните струења и понори во овој дел.
Упатувајќи се кон Стење, во пазувите на Галичица можеше да се почувствува студениот планински воздух, но и влагата по околните карпи, што на некој начин е доказ за порозноста на оваа планина во која водите исчезнуваат во планинската утроба и се појавуваат на некое друго место како извори или помали водотеци.
Еден постар човек ни раскажа една легенда според која во мирна ноќ може да се слушне како татне водата под Галичица.

Езерото исчезнува поради црните планини велат рибарите – Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Старите раскажуваа дека доцна во ноќта, кога е мирно, ако го ставите увото на карпите во некои од процепите на Галичица, ќе слушнете како водата од Преспанско Езеро се прелева во Охридско – ни раскажа дедо Тоде.
Не знаеме дали ова е легенда или вистина, но, секако, на некој начин е некаква потврда за поврзаноста на двете езера. Дополнителен доказ се и резултатите од експериментите со хиперманган правени минатиот век, кога обоените води на Преспанско Езеро по неколку часа се појавиле во изворите кај Свети Наум.

Умира и животот во езерото

Движејќи се покрај Сирхан, Отешево и Лескоец кон Стење, впечатокот беше дека од оваа страна езерото можеби и не е толку повлечено, но тоа само беше привид, а дека водата се губи се уверивме на плажата во Стење. Дрвениот мост што пред некоја година навлегувал длабоко во водата, сега е целосно на суво, а околината е исполнета со засушена тиња, остатоци од школки, изумрени езерски треви, како и превртени и оставени рибарски кајчиња.

– Ме прашувате зошто исчезнува езерото? Поради оние црни планини. Во нормални години тие во овој период имаа по два-три метра снег, сега се црни оти нема снег, нема врнежи. Затоа и езерото се празни. Но мене тоа и не ме плаши толку, водата ќе се врати, ме плаши што умира живиот свет во езерото. Земјоделците употребуваат пестициди кои преку подземните води завршуваат во езерото, тревите растат и го акумулираат целиот кислород од водата, а во ситуација кога не дотекува свежа вода од планините богата со кислород, ќе се задушат рибите – вели револтирано рибар што го затекнавме на плажата во Стење.

Тој е незадоволен од односот на институциите кон еколошката катастрофа што му се случува на Преспанско Езеро.
– Шест години нема дојдено никој да испита што се случува со водата, да го провери квалитетот. Постои Хидробиолошки завод во Охрид, што работат тие луѓе не знам, тука ги немаме видено. Кога ќе изумре рибата, тогаш ќе биде доцна. А нека бидат сигурни дека ако се уништи Преспанско Езеро, ќе го снема и Охридско, но очигледно не се свесни за тоа – додава истиот извор.

Гневот со кој зборуваше за негрижата од страна на државата нè подзамисли и нè натера да помислиме дека можеби државата навистина не прави доволно за да спречи еколошка катастрофа, или, пак, е немоќна пред големината на природата.
Од Стење патот нè водеше кон Коњско, но токму тука се потврди дека и во 21 век нема пристапни патишта по кои би можело нормално да се движи возило што не е теренско. А токму во делот меѓу Стење и Коњско во езерото се наоѓа месноста Казан, која важи за најдлабокиот дел на Преспанско Езеро и каде што се претпоставува дека има стотина подводни понори преку кои водата под Галичица завршува во изворите кај Свети Наум и понатаму на уште еден локалитет кај Подградец во соседна Албанија.

(продолжува)