Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со Голема Богородица практично почнуваат есенско-зимските слави, кои траат до почетокот на февруари, а месечно има и по неколку такви денови, во кои традиционално се прават и домашни слави со голем број гости. Изминативе речиси две години, колку што трае пандемијата, црквата и масовните прослави на празниците беа постојано на критика од јавноста, иако МПЦ постојано апелира за почитување на мерките за заштита од ковид-19, повикувајќи да се избегнуваат вакви масовни собири

Постои ли опасност дополнително да се влоши епидемиолошката слика од традиционалните масовни слави што се практикуваат за верските празници што следуваат овој период? В сабота е Голема Богородица, празник што кај македонскиот народ има традиција за масовно славење, со собири по селата и градовите.
Од Македонската православна црква-Охридска архиепископија и оваа година ги повикуваат верниците да ги слават црковно празниците што претстојат, а да се избегнуваат собирите и традиционалните начини за собирање, за да се избегне ново дополнително ширење на вирусот.

Со Голема Богородица практично почнуваат есенско-зимските слави, кои траат до почетокот на февруари, а месечно има и по неколку такви денови, во кои традиционално се прават и домашни слави со голем број гости.
Изминативе речиси две години, колку што трае пандемијата, црквата и масовните прослави на празниците постојано беа на критика од јавноста, иако МПЦ постојано апелира за почитување на мерките за заштита од ковид-19, повикувајќи да се избегнуваат вакви масовни собири.

Речиси нема село или град во земјава каде што не се слави името на мајката божја, а секоја осма црква во Македонија е посветена на Пресвета Богородица, додека секое петто семејство овој ден го празнува како домашна слава.
Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањето. Исто така, и жените што немаат деца веруваат дека со милоста на пресвета Богородица ќе добијат рожба и поради тоа ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови.

Според пресметката на вкупниот број на цркви во државата, околу 235 цркви го носат името на Богородица, а најголем дел од нив е посветен на нејзиното успение, празник што се одбележува токму сега, секоја година, на 28 август по новиот календар, или 15 август по стариот календар. Овој ден кај народот е попознат под името Голема Богородица.

Името на Богородица е едно од трите што најмногу се среќаваат како називи на цркви и манастири во Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Само во Скопје и околината тоа се возобновената црква крај Вардар, манастирите во Матка и селото Побожје, потоа уште еден манастир на Скопска Црна Гора, над селото Горњани, како и црквата на Водно, посветена на Рождеството на Пресвета Богородица. Наедно, Богородица се смета за заштитничка на градот Скопје.

Во црковниот календар има најмалку пет дена од годината што ѝ се посветени токму нејзе. Тоа се нејзиното успение, нејзиното рождество, воведението во храмот, Покров на Пресвета Богородица, денот кога се слави нејзиното заштитништво, Благовештение, денот за веста за нејзиното зачнување, и Собор на Пресвета Богородица.


Археолозите во дилема, за црквата е јасно

Археолозите и историчарите сѐ уште трагаат по докази и спорат за автентичната локација на местото каде се наоѓа гробот на мајката божја Богородица. За разлика од црквата, за нив гробот на Богородица претставува мистерија.
Сепак, за христијанските цркви нема дилема дека тоа е Гетсиманија во Ерусалим. Таму секоја година на денот кога се слави името на Богородица се собираат верници од сите христијански цркви.
Една од најблиските теории е онаа на турските археолози, кои тврдат дека Богородица била погребена во градот Ефес. Но, според црквата, тоа е местото каде што Богородица само престојувала со Свети Јован Богослов.