Имаме разговарано со компанијата „Aegean airlines“, знаеме дека е планирано да се направи ова поврзување и во текот на 2018 година секако ќе започне, вели алтернативниот шеф на грчката дипломатија Јоргос Катругалос во однос на новата авиолинија Атина – Скопје најавена за оваа година.

– Постојат разговори во „Aegean“ за активирање на оваа авиолинија. Ние на тоа гледаме позитивно, како и на секоја мерка што ја промовира економската соработка на двете земји – посочи Катругалос.

Во октомври минатата година, грчката авиокомпанија Aegean airlines на прес-конференција соопшти дека во 2018 ќе се воведен директен лет Скопје-Атина, а македонската престолнина беше една од новите 11 дестинации.

Како што објави МИА пред неколку месеци, главната пречка за да започне авиосообраќајот на релација Скопје кон Атина и обратно, беше името на скопскиот аеродром. Но, со преименувањето, се отвори патот за да се поврзат престолнините на двете соседни земји.

Во 2003 година постоеше директно авионско поврзување меѓу Скопје и Атина, со редовна линија, пет пати седмично, нешто што беше прекинато, а бизнис заедниците од Македонија и Грција минатата година побараа одново да се воведе лет.