Годинава производството на мед во Битолско и пошироко во државата е далеку под очекувањата. Обилните дождови што пролетоска и летоска паднаа кај нас буквално го преполовија производството на мед. Ова го констатираа производителите на мед викендов во Битола, на годинешната меѓународна манифестација „Денови на македонското пчеларство“, на која, покрај производителите на мед од Македонија, учествуваа и производители на мед од пчеларските здруженија на Србија, Црна Гора, Албанија и на Грција.

– Во ваква ситуација, кога едвај успеавме да го одржиме производството на мед, правиме натчовечки напори да ги спасиме пчелните семејства, со надеж дека доколку ги зачуваме, ќе можеме да се надеваме дека идната година ќе биде подобра. Но таа подобра година, која пчеларите постојано ја посакуваат, никако да дојде – вели Методија Трајковски, претседател на здружението на пчелари „Нектар“ од Битола.
Покрај временските неприлики, голем проблем за производителите на мед е тоа што младите луѓе сѐ помалку се определуваат да се занимаваат со производство на мед.
– Токму затоа целта на овие манифестации е да се привлечат младите луѓе да се занимаваат со пчеларство, но во исто време медот и пчелните производи да станат секојдневна навика кај македонските потрошувачи – истакнаа медарите на меѓународната манифестација во Битола.

Во таква ситуација, кога производството на мед е буквално преполовено, цените на медот драстично пораснаа, што придонесува да се намали и потрошувачката на мед. Но, и покрај релативно „високите цени“ за потрошувачите, медарите не се задоволни.
– Годинава еден килограм мед чини 350 денари, а органскиот мед се продава и по цени над петстотини денари. Тоа е најдобра потврда во каква состојба се наоѓа пчеларството – вели Трајковски.

Но, и покрај ваквите лоши состојби, македонското пчеларство е на мошне висока цена кога станува збор за квалитетот. Така, медарот Менде Трајковски од Маково, кој е еден од најпознатите одгледувачи на мед во Битола и околината, деновиве забележа нов меѓународен успех во производството на мед. Трајковски со својот надалеку познат мариовски органски мед, на меѓународниот саем за храна и земјоделство „Агра 2018“, кој деновиве се одржа во Словенија, освои сребрен медал. Наградата ја освои во мошне силна конкуренција од 147 примероци на мед од Европа и пошироко. Ова признание има уште поголемо значење ако се има предвид фактот што саемот „Агра 2018“ е еден од најстарите и најквалитетни меѓународни саеми за храна и земјоделство. Наградата доаѓа во време кога во тек е процедура за брендирање на мариовскиот мед.

– Наша цел е да го брендираме мариовскиот мед, кој, без лажна скромност, е еден од најквалитетните не само кај нас во Република Македонија туку и пошироко. Тоа го потврдија лабораториските испитувања што ги направија на мострите што им ги доставивме на организаторите на саемот во Словенија. А за да го брендираме мариовскиот мед, изработивме и елаборат, кој го доставивме до надлежните институции – велат првите луѓе на еколошкото здружение „Кајмакчалан“, кое ја почна иницијативата за брендирање на мариовскиот мед.