Најпознатиот австралиски провајдер „Оптус спорт“ деновиве објави видео посветено на македонските фудбалери под наслов „Северномакедонските фудбалери го живеат сонот“. Видеата се многу популарни во Австралија и имаат голема гледаност.
Во видеото посветено на македонскиот фудбал соговорник е Горан Пандев, како и уште неколкумина фудбалери.
Во прилогот Пандев цело време ја користи референцата Македонија. Меѓутоа, провајдерот тој дел од разговорот со Пандев го преведува како Северна Македонија.
Тоа предизвика лавина од реакции кај македонските доселеници.
– Ве молам да се обратите до прирачникот на македонското министерство за надворешни работи, терминот северномакедонски е неприфатлив. Вашиот превод е целосно неточен и мора да се направат исправки. Господинот Пандев не го користи терминот Северна Македонија – стои во реакцијата на Македонците во Австралија.