Уште во текот на минатата година преземавме одредени чекори за промена на системот на греење во повеќе јавни здравствени установи. Ставивме приоритет на Специјалната болница по гинекологија и акушество „Мајка Тереза“ во Чаир, како и на општите болници во Куманово и Струмица, поради тоа што е подготвена околната инфраструктура за гасификација.

Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека проектите се готови, влегле во планот за јавни набавки и ќе почнат да се реализираат како приоритет токму во овие три јавни здравствени установи.

– Се надевам дека толку колку што трае тендерската постапка и сите законски рокови ќе поминат без никаков проблем и за скоро време, веќе за следната грејна сезона сите овие објекти ќе бидат подготвени да се затоплуваат на гас – додаде Филипче, одговарајќи на новинарско прашање пред настанот посветен на потребата од развивање интегрирани услуги за здравствена и долгорочна нега, што се одржа во организација на Европскиот центар за социјална политика и истражување.