Заврши првиот уписен рок во училиштата за средно образование во државата. Традиционално, и годинава, по вториот уписен ден, интересот кај деветтоодделенците е поголем за гимназиите и за средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ наспроти другите средни стручни училишта.
Редици од деветтоодделенци со нивните родители можеше да се забележат во скопската гимназија „Јосип Броз-Тито“, каде што секоја година се исполнува бројот на слободни места уште во првиот уписен рок. Иста беше сликата во двата уписни дена и во другите скопски гимназии „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Раде Јовчевски-Корчагин“.
За упис е потребно да се поднесат во училиштето оригинал свидетелствата од шесто до деветто одделение, извод на родени, фотографија за слободен билет и пријава за упис, која се пополнува во училиштето и се поднесува заедно со другите документи.
Ефтим Пејовски, директор на средното стручно училиште „Михајло Пупин“, вели дека е задоволен од досегашниот интерес кај полуматурантите за ова училиште.
– Лани и годинава имаме подобрување кога станува збор за интересот, ако ја споредам ситуацијата со изминатите години, кога интересот беше многу слаб. Тенденцијата што ја фативме лани продолжува и годинава. Најголем интерес има за насоките компјутерска техника и информатика, а потоа следува електроенергетика, па електроника. Новина годинава е тоа што денеска веќе ќе ги објавиме ранг-листите со примени кандидати, а тие што нема да ги исполнуваат критериумите се должни да си ги подигнат документите. Вториот уписен ден е 28 јуни – информира Пејовски.
Според конкурсот за запишување ученици во училиштата за средно образование во земјава, има вкупно 35.909 слободни места, и тоа 25.127 на македонски наставен јазик, 9.830 на албански јазик, 918 на турски и 34 на српски наставен јазик. Во овие слободни места се вклучени и паралелките во реформираното двегодишно и тригодишно стручно образование.