Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва во Тирана изјави дека постигнал договор со премиерите на Албанија и на Македонија за поголема интеграција на надлежните органи задолжени за итни случаи на трите држави.

Тој најави дека следната средба во рамките на иницијативата мини Шенген ќе се одржи во Белград на крајот на јануари 2020 година.

– Следната средба ќе ја одржиме кон крајот на јануари во Белград и мислам дека тоа ќе биде историска средба заради она што ќе го завршиме до тогаш – изјави Вучиќ во Тирана, каде викендов се одржува третата средба за унапредување на соработката меѓу Македонија, Србија и Албанија.

Вучиќ додаде дека пред крајот на годината, ќе биде решено дека само со лична карта ќе може да влезе на територијата на која било од државите вклучени во мини Шенген. Српскиот претседател нагласи дека креиран е и софтвер за единствен пазар, кој се очекува да придонесе за поголем број инвеститори.