Во земјава денеска е втор ден жалост по сообраќајката во која завчера на патот Скопје-Тетово загинаа 14 лица, а 37 беа повредени откако кај село Ласкарци се преврте автобус на компанијата „Дурмотурс“. Во критична состојба, според последните информации, се петмина од повредените од кои двајца се хоспитализирани во ГОБ „8 Септември“, а тројца на Скопските клиники.

Надлежните институции го утврдија идентитетот на жртвите, завршен е увидот на местото на несреќата, а автобусот е однесен на вештачење. Како што информираше вчера Јавното обвинителство, интензивно се работи на утврдување на сите детали за причините на несреќата.

Автобусот на компанијата „Дурмо турс“ што излета од автопатот и се преврте во близина на стариот пат, е кренат од местото на несреќата и по наредба на јавен обвинител врз него ќе се врши детално техничко вештачење од страна на Машинскиот факултет во Скопје. Од досегашните сознанија е утврдено дека автобусот бил набавен во 2001 година, а последен пат бил регистриран во јануари 2019 година. Вешт наод и мислење треба да достави и Бирото за судски вештачења.

Анализата на примероците на крв и урина на возачот кој беше хоспитализиран поради телесни повреди покажала дека во моментот на несреќата кај него не е регистрирано присуство на алкохол, лекови или психотропни супстанции. Дополнително ќе се утврдува дали во моментот на несреќата користел мобилен телефон.

„Дурмо турс“, пак, треба да достави целосна документација за дозволите кои ги поседува за јавен превоз, за одржувањето на возилата, бројот на патници и продадени карти во автобусот, како и податоци за работното време и релациите кои ги поминал возачот на критичниот ден.

Обвинителството најави одлука по обезбедување на сите докази, целокупната релевантна документација, обдукциските протоколи, медицинската документација за повредите на другите патници, извештаите за наредените вештачења, испитувањето на возачот, на патниците во автобусот и на очевидци на настанот.

По несреќата Владата на вонредна седница прогласи дводневна жалост во целата држава. Комеморативни седници одржаа општините Гостивар и во Врапчиште, од каде се починатите во несреќата, во присуство на државниот врв и владини и партиски делегации.

Сочувство до семејствата и граѓаните на Македонија упатија и политичари од повеќе држави од соседството и пошироко, како и од Европската унија и од НАТО.