Министерот за здравство Венко Филипче и министерката за образование Мила Царовска денеска на состанокот со претставниците на Сојузот на средношколци разговараа за почетокот на второто полугодие и под какви околности ќе се одвива наставата.

Наставата во второто полугодие продолжува со истите мерки и препораки како и досега. И во второто полугодие наставата во основните и средните училишта продолжува да се одвива онлајн со исклучок на учениците од прво до трето одделение кои посетуваат настава со физичко присуство во училница, согласно капацитетите на училиштата за спроведување на планот и протоколите на Министерството за образование и наука и со одобрување од родителите.

– Ја следиме епидемиолошката состојба и доколку следните месеци се покаже стабилизирање ќе донесеме други одлуки, но тоа ќе се случи откако ќе бидеме сигурни дека трендовите со намалување на новозаразени со ковид ќе продолжат – рече Филипче.