Фото: Игор Бансколиев

Животот испишува неверојатни приказни. Некои од нив се овековечени и низ страниците на нашиот весник за време на неговата 75-годишна историја и традиција. И како што обично велат дека секоја стара приказна е почеток на нова, така деновиве нашиот весник имаше ексклузивна можност да посведочи за уште една необична игра на судбината. Во редакцијата на весникот се јави добитникот на седумка на лото (56) од Кичево, кој својата необична приказна реши да се сподели само и единствено за нашиот весник.

За таа своја одлука има и силна и нераскинлива поткрепа. Прво затоа што е наш верен читател, но дополнително и затоа што пред 7 години токму „Нова Македонија“ објавила текст за него и неговиот животен пат. Тој текст и денес стои врамен кај него дома.
– Секогаш кога ќе погледнам во него и ќе го прочитам насловот – „Кога Скопје умираше Зоран се роди“, морници ме полазуваат по телото – вели Зоран Митаноски.
Зашто навистина Митаноски дошол на свет токму на 26 јули 1963 година во 5.30 часот, само неколку минути по катастрофалниот земјотрес што го срамни со земја Скопје.
Пребарувајќи по архивските податоци, не успеваме да пронајдеме друг случај на породување токму во времето на земјотресот.

– Измешани ми се чувствата и на овој ден секогаш ме полазуваат морници. Роденден не славам веќе 49 години, а и да дојде некој, нема ништо за послужување. На овој ден страв ми е дури и да патувам за Скопје – кажа Митаноски во разговорот за „Нова Македонија“, објавен во 2012 година.

По седум години од тој текст, Зоран Митаноски го погодува нов „земјотрес“, овој пат со епицентар во Лотарија на Македонија.
Митаноски на 21 септември добива седумка на лото вредна околу 190 илјади евра (11.966.712 денари) во 44-то коло од играта на среќа „Лото 7“ на државната лотарија.
Уште при доаѓањето во Скопје и влегувањето во зградата на Лотарија на Македонија бара и инсистира настанот да го овековечи нашиот весник.

Среќниот добитник во разговор со главниот уредник на „Нова Македонија“ – Фото: Игор Бансколиев

– Играм лото преку 40 години, со мала пауза. Немам чувство дека ме следи среќа. Немам среќни броеви. Порано ги пишував родендените на најблиските. А летоска уплаќав без да очекувам да добијам седумка. Почнав со четворка, па по неколку кола имав и петка, играм на по 60 до 80 денари. Добитното ливче го уплатив со последните 100 денари во џебот. Вообичаено играв џокер, но тогаш немав доволно пари и за џокер и за лото. Мислев да играм само џокер, но решив да одиграм уште една комбинација лото и добив – вели Митаноски.

Интересно е што добитникот на седумката немал хартија за да ги запише броевите 5, 6,19, 26, 27, 31 и 34 што сакал да ги игра кога одлучил за неговата комбинација, па тоа го сторил на штица, која му била при рака додека бил на работа. Тој потоа отишол со штицата до уплатното место за да одигра ливче, што се покажало како среќна околност. Митаноски не го следел извлекувањето на броевите, но кога ги дознал и му се виделе познати, веднаш ја побарал штицата за да провери дали тој е добитник на вредната премија.

Кичевчанецот, кој работи како чувар-пожарникар во „Македонски шуми“, е голем хуманист и човек што многупати досега дарувал крв. Митаноски истакна дека допрва треба да одлучи како ќе ја потроши добивката, за која неговите најблиски не знаеја во моментот кога разговаравме деновиве со него.
Додека не појдам до манастирот „Свети Ѓорѓија“ во Кнежино, никој не знае, објаснува Митаноски, додавајќи дека ќе продолжи да работи и дека лото-седумката нема да го смени. Во тоа сме уверени, зошто Митаноски е голем борец, голем хуманитарец, голем Македонец и пред сѐ голем човек.

Екипа на „Нова Македонија“