Илустрација / Фото: Архива/Маја Јаневска-Илиева

Вселенската патријаршија е подготвена да го реши црковното прашање во Македонија, и покрај сите притисоци и закани од Руската црква и нејзините поддржувачи во Грција и во Србија, а како прв чекор кон решението ќе ја тргне шизмата од МПЦ, пренесува порталот „Религија“, повикувајќи се на грчки „Етникос Кирикас“.

Во одговорот на Вселенската патријаршија за грчки „Етникос Кирикас“, кој побарал став за писмата што ги испратија премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски, се наведува дека досега се направени неколку чекори за доближување кон конечно решение за црковното прашање.

Се наведува дека Вселенската патријаршија ќе го примени истиот модел како за Украина, односно дека прво ќе го отстрани расколот од МПЦ и ќе ја тргне шизмата за да можат македонските владици да сослужуваат со владиците на Вселенската патријаршија, а потоа ќе се оди на процес на потпишување Томос за автокефална црква.

На тој начин при воспоставувањето на црковното единство од страна на Вселенската патријаршија, архиереите на МПЦ-ОА ќе бидат примени во литургиско општење, а  Вселеснаката Патријашија дефакто ќе ја признае МПЦ-ОА.

Светиот архиерејски синод ќе ја задржи својата самостојност и право на одлучување и раководење, така што досега воспоставениот статус и правното, внатрешно функционирање на МПЦ-ОА ќе остане непроменето, иако конечниот статус на помесната Црква нема веднаш да биде дефиниран. Истиот метод бил применет и во Украина, каде што ваквиот период траеше неколку месеци, пред да биде доделена автокефалијата.

– Факт е дека веќе со векови постои овој проблем, за чие решение Вселенската патријаршија како Мајка Црква на сите Балкански цркви – но и на други – до денес има направено многу обиди, грижејќи се за единството на Православието. Во овој момент прашањето влезе во нова фаза. Превосходните претседател и премиер на Северна Македонија, како продолжение на сличното барање од страна на нивната Јерархија, бараат Вселенската патријаршија да им помогне да влезат во општење со останатиот Православен свет, при што нивната црква ќе се нарекува Охридска Архиепископија – пишува Вселенската патријаршија во одговорот до „Етникос Кирикас“.

Грчкиот весник додава дека првиот обид да се дојде до решение е направен во јануари годинава, кога претставници на патријархот Вартоломеј биле на разговори со МПЦ и со СПЦ и дека било побарано делегација на двете цркви да отпатува во Фанар на средби, заедно со претставници на Јовановата ПОА, за која вселенскиот патријарх предлага да се обедини со МПЦ, но тие одбиле.

Вселенската патријаршија во одговорот до грчкиот весник потсетува дека во моментов не е најважно прашањето за автокефалијата на Црквата, туку лекувањето на еден раскол, за кое сите имаат свештен долг, а особено Мајката Црква Константинополска, правејќи паралела со Бугарската црква, која на ист начин, преку канонско единство со Вселенската патријаршија, стасала до своја автокефалност.