Теолозите толкуваат дека велигденскиот пост започнал од две причини и со две цели. Едната е за да се подготват оние што требало да бидат крстени на Велигден, а кои во текот на постот биле поучувани во верата. Втората е крстените да се подготват за Велигден, за Воскресението Христово, за празникот што претставува основа на верата

Православните верници од денеска, па до 28 април годинава ќе постат, со што ќе се подготват за најголемиот празник во христијанството, Воскресението Христово. Според теолозите, велигденскиот пост е најстрогата форма на постење, што значи телесно и духовно воздржување, воздржување од мрсна храна и од гревови.

– Во постот му даваме предност и поткрепа на духовното пред телесното. Тоа е време за повеќе молитва и за повеќе добри дела. Време за откажување од гревот и за покајание. Постот е потреба и за телесното и за духовното здравје. И најважно, постот не е само воздржување и одрекување од храна, туку е важен и духовниот пост, одрекувањето и воздржувањето од секое зло и грев. Тие денови верниците треба да се испитаат себеси, да се воздржат од лошите мисли, зборови и дела, да се покајат и да се исповедаат. Духовно да се зајакнат, да прават добри дела и да покажат љубов кон Бога и кон луѓето – објаснуваат теолозите.

Велигденскиот пост опфаќа 7 недели, односно 7 седмици. Трае 48 дена, од Прочка до Велигден. Велигденскиот пост нема свој постојан датум, туку зависи од определениот датум на Велигден. Тој е негова претходница и подготовка.

Првата недела на постот се вика недела на православието. Втората е недела на свети Григориј Палама. Третата е крстопоклона – недела на Чесниот Крст, кога верниците се поклонуваат и го целиваат изнесениот крст на богослужбата. Четвртата е на свети Јован Лествичник и во неа се преминува средината на постот. Петтата е на света Марија Египќанка. Шестата седмица е цветна (Цветници), наречена така според цвеќето и зелените гранчиња што ги фрлале децата и луѓето пред Христа при неговото влегување во Ерусалим. Седмата е последна седмица пред Велигден, наречена страдална, страсна или велика недела. Тогаш веќе се најавува приближувањето на Велигден. Деновите во таа седмица се именуваат како Велики, од Велики понеделник, до Велика сабота. Секој ден е поврзан со настаните од последните дни на Исус Христос. Особено се значајни последните три дена: Велики четврток, кога бил фатен по Тајната вечера. Велики петок, кога бил суден, тепан, мачен, распнат, умрел и бил погребен. Единствено тогаш пред луѓето се изнесува плаштеницата со која било обвиткано и погребано Христовото тело. Велика сабота е последниот ден и последната подготовка за празникот над празниците, а Христос е во гробот од каде што ќе воскресне.

Инаку, теолозите толкуваат дека велигденскиот пост започнал од две причини и со две цели. Едната е за да се подготват оние што требало да бидат крстени на Велигден, а кои во текот на постот биле поучувани во верата и во христијанскиот живот и биле огласени за крштение. Втората е, пак, крстените да се подготват за Велигден, за Воскресението Христово, за празникот што претставува основа на верата. Христијанската вера е вера во воскресението. Тоа му дава смисла и цел на христијанскиот живот. А Велигден е празник на воскресението и на животот, премин од привременото во вечното живеење.