Излагање за Виктор Бивел на конференцијата на Меѓународната асоцијација на истражувачи на геноцид

Негирањето на македонскиот идентитет и потешкотиите со кои се соочуваат Македонците од Егејска Македонија беа преставени на онлајн-конференцијата на Меѓународната асоцијација на истражувачи на геноцид (ИАГС), на која за првпат излагање имаше Македонец со потекло од Егејска Македонија. Оваа тематика беше детално претставена во излагањето на активистот Виктор Бивел, насловено „Јазикот и негирањето на македонскиот етнички идентитет“, кое се повикува извештај на „Хјуман рајтс воч“ од 1994 година.

– Постои долга историја во која владите, а особено грчката, го користат јазикот во обид за менување на идентитетот на Македонците во нешто што е помалку македонско или немакедонско. Одличниот извештај на „Хјуман рајтс воч“ од 1994 година, насловен „Негирање на етничкиот идентитет: Македонците од Грција“, вклучува речник на зборови што се негираат, што грчката влада го разви во текот на повеќе од еден век, за да им го негира идентитетот на Македонците од Грција – се наведува во излагањето на Бивел, чија цел е прикажување како грчката влада го претставила речникот и во други држави, односно и на меѓународен план.

По децениската репресија, во извештајот на „Хјуман рајтс воч“ од 1994 година беше истакнато дека „грчката влада го негираше идентитетот на малцинството на етничките Македонци прекршувајќи ги меѓународните закони и договори за човекови права“, како и дека методите на грчката влада ги негираат македонскиот идентитет и култура, посочено е во излагањето на Бивел.

Во извештајот се забележува постоењето на „клима на страв во која многумина Македонци се колебаат да го истакнат македонскиот идентитет или нивните сфаќања отворено“. Грчката влада не ги ословува етничките Македонци како Македонци, туку како „славофони Грци“, „словени“, „славомакедонци“… Згора, се нагласува оти грчката влада ги смени имињата на топонимите, како и личните имиња од македонски во грчки, со што сите мораат да имаат грчки имиња, додека забрането е и изучувањето на македонскиот јазик.

Извештајот прикажува и повеќе репресивни мерки, двојни стандарди и случаи на малтретирање на Македонците во поглед на политиката, религијата, вработувањето, културолошкото изразување, слободата на изразување, како и на активистите за човекови права. Речиси сите овие репресивни мерки важат и денес, категорично тврди Бивел.

Тој додава дека на сите владини нивоа, на ниво на организации и индивидуалци, има илјадници примери како грчката влада, нејзините поддржувачи и националистите од дијаспората го блокираат или се обидуваат да го блокираат изразувањето на македонскиот идентитет.

Во излагањето се споменува дека „западните сили истакнале оти Преспанскиот договор ќе стави крај на спорот помеѓу Македонија и Грција“. Но од таа гледна точка, мнозинството Македонци ширум светот сметаат дека Преспанскиот договор е недемократски и оти претставува неуспех. Се наведува дека „грчките двојни стандарди опстанале“ бидејќи Македонците не можат да имаат држава наречена Македонија“. Згора, како што стравувале повеќето Македонци, зборовите користени за опис на нивниот идентитет сега честопати се заменети од термините „северномакедонски“ и „северномакедонци“. Македонците наведуваат вакви примери и од Австралија која има голема македонска дијаспора, но уште поголема и поактивна грчка заедница.

– Време е да се стави крај на балканскиот мит, односно на идејата од 19-от и од 20-от век според која народот што живеел во Македонија не знаел дека е македонски, и оти на овој народ му биле потребни странци, политичари и академици од далечни места да му кажат кој е – заклучува Бивел во неговото излагање на меѓународната онлајн-конференција на тема „Геноцид и негова превенција во дигиталната доба: Предизвици во 21-от век“, што се одржува од 19 до 23 јули во организација на Универзитетот во Барселона.