Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и претседателот на Независниот синдикат на одбраната, Ванчо Исајов, денеска го потпишаа новиот колективен договор за сите вработени во Министерството и припадниците на Армијата.

Министерката изјави дека со колективниот договорот е зголемен периодот за ресоцијализација по враќањето од мисии и мировни операции, решен е проблемот со разни случаи на сообраќајни несреќи каде Министерството, како што рече Шекеринска, практично ги товареше своите вработени за направената штета. Согласно новиот колективен договор, со осигурувањето не се покриени само инвалидитет и смрт, туку и секаква друга генерална повреда на работно место.

– Јас како министер и Владата се обврзуваме дека тоа што го потпишавме ќе се почитува, а тоа го покажавме и овие две години, и затоа довербата во текот на овие преговори беше поголема. Покажавме дека нашите обврски си ги исполнуваме и покажавме дека стандардот и квалитетот на живот и работа на припадниците на Министерството и армијата ни се навистина приоритет. Како резултат на овие разговори и доверба успеавме 16 проценти да ги зголемиме платите, успеавме во предлог-законот којшто е во собраниска постапка да ставиме станбено обезбедување на сите освен оние кои добиле станови од поранешна ЈНА и генерално ставивме акцент на армијата, на припадниците и на нашиот систем за одбрана – рече министерката.

Претседателот на Независниот синдикат на одбраната, Исајов, рече дека со потпишувањето на договорот се унапредуваат правата на вработените во Министерството и армијата.