Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вработените во Клиничкиот центар во Скопје веќе втор ден протестираат поради зголемување на цените за паркинг. Тие ги блокираа наплатните места за користење на паркинг и бараат паркинг просторот да се врати во сопственост на Клиничкиот центар, како што било и порано.

Доктор Горан Беговиќ, претставник на вработените во Клинички вели дека се изреволтирани од одлуката на Град Скопје и градоначалникот Шилегов кој вчера ги нарече привилегирани.

-Господинот непривилегиран градоначалник Шилегов, вчера нас не нарече привилегирани, затоа што сме имале картички за паркинг простор за кои плаќаме 350 денари месечно, привилигирани затоа што сме користеле 1500 картички, а на нас ни следувале 670 картички за паркинг простор, бидејќи толкав бил капацитетот на овој кампус. Јавно прашувам ако бројот на картички за паркинг на вработените е поголем од капацитетот на паркигнот каде се паркираат пациентите и нивните роднини кога доаѓаат на лекар – вели Беговиќ.

Тој вели дека вработените не се тие кои треба да мислат на тоа колку картички за паркинг има и колку има паркинг простор, затоа што тоа не е нивна работа и  некој друг е одговорен за овој паркинг простор.

-Го потесетуваме Шилегов и советниците на Град Скопје да си проверат како го добиле правото на користење на овој паркинг простор кое е во владение на Р.Македонија. Едно од нашите главни барања ќе биде да се врати на работодавачите на овој паркинг простор, тоа порано беше Клинички центар, а сега се Јавните здравствени установи во склоп на кампусот Клинички центар- истакна Беговиќ.

Сознанието на „Нова Македонија“ дека лекарите и во Градската болница и во „8 Септември“ плаќаат за паркинг по 800 денари, Беговиќ го коментира дека тие не сакаат да се споредуваат со другите болници во Македонија.

-Не сакаме да се споредуваме со другите болници во Македонија, сакаме да се споредуваме со приватните болници кај нас, со болниците од западноевропските земји и персоналот кој работи во тие болници, затоа што ние се стремиме кон тие стандарди – потенцираше Беговиќ.