ЈП за државни патишта заврши со осветлувањето на дел од автопатите А2 и А4 во вкупна должина од 12 километри и го стави во функција осветлувањето на делниците: клучка Хиподром – клучка Белви – клучка Илинден во должина од 5,5 километри и клучка Хиподром – клучка Кадино во должина од 6,5 километри.

На овие потези, како што информираат од Министерството за транспорт и врски, вкупно се поставени 276 канделабри со 585 светилки. Вредноста на инвестицијата е 61 милион денари, а средствата се обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.

– Целото осветлување е управувано од централен систем за мониторинг од каде е овозможено во реално време да се врши далечинска контрола во зависнот од интензитетот на сообраќајот и временски услови на патните делници. Преку системот се врши детектирање и алармирање во случај на настанат дефект, кој помага во добивање навремена информација заради брзо отстранување на дефектот, преку што се обезбедува подобра безбедност на сообраќајот во ноќните часови – соопшти Министерството.

На овие делници, се додава во соопштението, во системот се интегрирани и шест мини метеоролошки станици кои ја мерат температурата, влажноста и притисокот на воздухот, а постојат и услови за дополнително поставување на сензори за мерење на температурата на коловозот.

– Сите овие информации и параметри од уредите на системот за мониторинг, управување и контрола на осветлувањето, се зачувуваат во посебна база на податоци и се користат за понатамошни анализи за поефикасно превентивно и периодично одржување, се со цел за зголемување на животниот век на поставената опрема и намалување на трошоците за одржување во периодот на експлоатација на објектите -прецизираат од Министерството за транспорт и врски.