Преименувањата на државните, јавните и институциите финансирани од Буџетот е направено согласно три критериуми. Останува да се види како ќе гласи новото име на Македонската академија на науките и уметностите со која во тек се консултации.

– Вчера донесовме одлука дека Централниот регистар ќе ги направи овие промени и ќе ги впише новите имиња, а Службата за општи и заеднички работи ќе им достави нови табли на институциите – изјави денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

На редовната прес-конференција во Владата, Бошњаковски појасни дека имињата на институциите каде се споменува зборот „Република Македонија“ се заменети со „Република Северна Македонија“, додека во случаите кога се работи за институција од национален карактер, а во името ја придавката „македонска“, тогаш таа е заменета со „национална“ како што е случајот со Македонска радиотелевизија која сега се преименува во Национална радиотелевизија. Придавката „македонска“ останува само кај институциите кои го идентификуваат македонскиот национален идентитет како што е случајот со Македонскиот народен театар.

Засега од Владата не откриваат колку ќе чини преименувањето, но најавуваат дека ќе излезат со информација откако ќе заврши целиот процес.

Бошњаковски истакна дека нема да има промена во химната, а остануваат и имињата на градовите Македонски Брод, Македонска Каменица.

Во однос на понатамошната употреба на придавката „македонски“, „македонска“ и „македонско“ Бошњаковски рече дека таа ќе се користи секогаш кога е поврзана со етничкиот и културниот идентитет, односно ќе се користи македонски јазик, македонска култура, македонски народ, македонска литература, македонско кирилско писмо…

Додека кога се работи за примери кога се споменува името на државата, официјални органи и јавни институции, тогаш ќе се користи зборот „Република Северна Македонија“. Така, правилната употреба е Влада на Република Северна Македонија, претседател на Северна Македонија, министер за надворешни работи на Северна Македонија, а неправилно е да се користи изразот „северномакедонски“ или „македонски“.