Фото: Игор Бансколиев

Бигорската и Рајчичката монашка обител, на чело со архимандритот Партениј, првпат пред десет години, со благослов на владиката г. Тимотеј, ги донесе моштите на св. Георгиј Победоносец на традиционалната струшка литија, за да ја поткрепи и збогати. Тоа предизвика голем интерес не само кај нашиот народ, туку и пошироко, кај соседните православни народи

Традиционално и годинава во Струга, еден ден по празникот Ѓурѓовден, на 7 мај ќе се одржи десеттата по ред струшка литија, на која ќе се прикажат моштите на светиот великомаченик Георгиј и неговата чудотворна икона. Претходно во храмот на великомаченикот во Струга, со почеток во 16 часот, ќе биде отслужена ктиторската вечерна богослужба, по што ќе следува црковната поворка. Се очекува овој пат литијата да биде најмасовна досега, со повеќе од 10 илјади граѓани што ќе присуствуваат на настанот.
Од Бигорскиот манастир велат дека годинава литијата ќе биде збогатена со чудотворната икона Крнинска, од манастирот „Пречиста Кичевска“.

– Годинешната струшка литија (Еордија) со чесните мошти на светиот великомаченик Георгиј и неговата чудотворна икона ќе биде збогатена со благословот на сепречистата Богородица, преку нејзината чудотворна икона Крнинска, од манастирот „Пречиста Кичевска“, носена од четворица кичевчани. Од оваа година моштите на светиот победоносец Георгиј ќе бидат носени од двајца видни струшки граѓани. Моштите ќе бидат придружувани и чувани и од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот манастир, облечени во традиционална мијачка носија – посочуваат од Бигорскиот манастир.

Оттаму велат дека за да се запази редот на литијата, оние што нема да можат да се вклучат во самата литија, пожелно е оддадат достојна почит, поздравувајќи ги моштите со фрлање цвеќе.

Бигорската и Рајчичката монашка обител, на чело со архимандритот Партениј, за првпат пред десет години, со благослов на владиката Тимотеј, ги донесе моштите на св. Георгиј Победоносец на традиционалната струшка литија, за да ја поткрепи и збогати. Тоа предизвика голем интерес не само кај нашиот народ, туку и пошироко, кај соседните православни народи.

Зборот литија значи свечена црковна процесија и е составен дел од богослужбата во црквата. Вакви процесии, според традицијата, се практикуваат во сите православни земји и секогаш се збогатени со светињи – мошти и чудотворни икони.
Литијата постои во Струга уште од времето на преродбата, која е на местото од стариот храм од 16 век, кој бил урнат во времето на Османлиите. Иконата на свети Георгиј, пак, е најстарата икона од овој светец во Македонија, а се вбројува и меѓу седумте икони од 13 век пронајдени во македонските храмови. На иконата светецот е претставен во природна големина. Во десната рака, подигната во висина на главата, држи копје. Му припаѓала на иконостасот на старата истоимена струшка црква, која била урната и на нејзино место во 19 век бил изграден денешниот централен црковен храм „Свети Георгиј“.