Фото: Игор Бансколиев / Илустрација

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) неодамна констатира дека
трендот со нападите врз новинарите никако да се намали и тие, се чини, несакано се зголемуваат секоја наредна година во споредба со минатата.

Според ЗНМ, лани имало зголемување на трендот на напади врз новинари, односно состојбата со безбедноста на новинарите и медиумските работници е влошена во споредба со овие случувања во 2019 година.

Новинарското здружение, дополнително информира дека и кризата со пандемијата предизвикана од ковид-19 дополнително ја влошила финансиската состојба на медиумите поради намалувањето на приходите од комерцијални реклами. Според статистиката, во периодот за кој се однесува извештајот биле забележани вкупно 14 напади и груби закани кон новинари, од кои повеќе од половината биле врз припадничките на понежниот пол.

И наспроти сите овие предизвици и тешкотии со кои се соочуваат новинарите во државата, тие не успеаја да се изборат за статус во општеството каков што уживаат нивните колеги од државите во Европската Унија.

Додека новинарите од Европа се издигнати на највисоко рамниште на моќни двигатели на општествата и во некои европски држави на медиумските работници им следува и бенефициран стаж при пензионирањето, синдикално се заштитени и имаат третман на службени лица во вршењето на својата професија, кај нас состојбата на ова поле е далеку од европските и светските услови и стандарди, во секоја смисла на зборот.
Во Македонија многу од новинарите работат на работ на економска одржливост. Притоа никој досега не проценил дека професијата подразбира дека новинарите и медиумските работници практично и немаат фиксно работно време од осум часа, односно тие се мобилни и ангажирани практично 24/7.

На крајот на краиштата, седмата сила во земјата е гласот на јавноста и огледало на државата и никому не му е во интерес тоа огледало да го скрши или, пак, да го занеми во услови кога државата чекори кон ЕУ.

Во меѓувреме, преставниците на новинарските здруженија во земјата информираат дека новинарската фела во Македонија се обидува да го подобри статусот на новинарите и медиумските работници во државата.

Од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) за „Нова Македонија“ велат дека тие веќе неколку години спроведуваат напори да се издејствува бенифициран стаж за новинарите и за медиумските работници.
Синдикалците објаснуваат дека од пред неколку години се започнати разговори со државните власти за изнаоѓање на можните решенија за решавање и подобрување на статусот на новинарите, кои како и некои други професии се ризични по здравјето за оние што работат во медиумите.

Од ССНМ велат дека тие се обидуваат по примерите на некои европски држави, како Холандија, Унгарија, Украина и некои други земји каде што новинарите уживаат ваков статус состојбите да се пренесат и во Македонија.

Тие велат дека напредокот во овој процес значително беше забавен од разбирливи причини поради избивањето на пандемијата, но се надеваат дека во скоро време ќе успеат да ги издејствуваат нивните заложби на оваа тема.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) неодамна посочи дека и тие имаат спроведено формално барање за да се разгледа можноста за новинарите да имаат бенефициран стаж, но, како што велат, надлежните органи појасниле дека тоа не е возможно од неколку причини, а и нема практика што е позната по однос на оваа тема во земјите-членки на Европската Унија.
– Тоа што ЗНМ се залага во однос на оваа тема, а во соработка со ССНМ, е да се унапредат постојните работнички права на новинарите и медиумските работници во согласност со Законот за работните односи. Во оваа насока, потребно е Владата да работи на креирање амбиент каде што во секој медиум ќе има колективни договори преку кои ќе се штитат дополнително правата на новинарите – истакнаа од ЗНМ.
[email protected]