Многу малку се знае дека во подрумот на прилепската црква „Св. Кирил и Методиј“ се погребани загинати српски војници од Првата светска војна. Делот е вистинско светилиште на кое му треба поголема грижа, бидејќи низ годините, заради немање доволно средства, малку е запоставено. Ова светилиште денеска ќе биде посетено од 15 велосипедисти од Србија, во рамките на проектот „По патеките на солунците“, а по повод 100 години од пробивот на Солунскиот фронт. Оваа посета на костурницата е дел од маршрутата за возење велосипеди од Солун, преку Едеса, па на Кајмакчалан, Меџитлија, Бач, Скочивир, Битола, Прилеп, Штип, Куманово, Врање, Ниш, Параќин, Белград и посета на 12 спомен-обележја на српски војници што загинале во оваа војна. Покрај оддавањето почест на предците, од здружението „Пријатели 72“ велат дека проектот има и едукативен карактер, односно да се запознае јавноста со степенот на страдање во Првата светска војна, кога имало и велосипедски единици.

Храмот „Св. Кирил и Методиј“ во Прилеп е граден во периодот од 1926 до 1936 година. Отец Веле, в.д. старешина на црквата, вели дека на 4 октомври 1926 година, на најсвечен начин, бил положен камен-темелник, а во подрумот на храмот е гробницата од загинати војници од Првата светска војна. Се претпоставува дека тука почиваат моштите на околу 3000 загинати..

– Црквата „Свети Кирил и Методиј“ е градена во периодот од 1926 до 1936 година, во непосредна близина на стариот параклис, кој бил изграден во 1884 година. Градбата е започната по иницијатива на свештеникот Алекса Кочовиќ, кој бил тогашен претседател на српската црковно-училишна општина. Голем дел прилепчани, незадоволни од патријаршиската и егзархиската политика во градот, се приклониле кон српската пропаганда, за да го отфрлат било кој угнетувачки јарем, зашто Србите им ветиле дека во новата црква ќе можат да служат на својот мајчин јазик. Понесени од таа идеја, некои од граѓаните што го населувале Варошко Маало отвориле параклис, во кој започнал редовен богослужбен живот. Подоцна на оваа група прилепчани им се приклучил и поп Спасе Игуменов, кој формирал и црковна делегација, која лично преговарала со цариградскиот патријарх и апостолскиот нунциј во Цариград за решавањето на црковниот спор во Македонија. Со доаѓањето на српската власт во Македонија, епископот битолски Јосиф (Цвијовиќ) во 1924 година ги осветил темелите за градба на новата црква, посветена на св. Кирил и Методиј, а во 1936 година црквата ја осветил тогашниот охридско-битолски епископ Николај (Велимировиќ). Храмот има основа на впишан крст и во него се влегува со искачување на неколку скалила, со што започнува градбата на храмови во прекрасни стилови. Во подрумот на храмот е гробницата од загинати војници од Првата светска војна. Нема доволно пишани податоци за гробницата. Храмот има скромен иконостас, кој не е споменик на културата. Во 2006 година е довршена градбата на куполата на црквата, која своевремено, кога била градбата на храмот, поради немање финансии не била доизградена – објаснува отец Веле, истакнувајќи дека имаат проект за заштита на црквата, но и за средување на костурницата во подрумот, за што се надеваат дека ќе обезбедат средства од државата и сите добронамерни донатори.