Реални проблеми или политикантски калкулации на поединци од помалите заедници во актуелната македонска конјунктура

Дали припадниците на малцинствата кај нас, односно помалобројните етнички заедници навистина се дискриминирани во земјава и дали нивните права реално се занемарувани со години? Судејќи според некои такви изјави на поединци, кои се декларираат како фактори во јавниот живот, во контекст на сегашниот сплет на околности во државава, веројатно тие очекуваат добра можност за некаква себепромоција, по стариот испробан балкански рецепт на етноцентризам и себеприкажување на жртва на нечиј туѓ и друг национализам. Сите тие забораваат или со умисла го игнорираат фактот дека Македонија е една од земјите што имаат голема мултиетничка улога на Балканот и стандарди за малцински права многу пошироки од оние на некои земји-членки на ЕУ

Дали државата навистина има двојни стандарди кога станува збор за правата на етничките заедници или, пак, во мноштвото лажни вести, тези што не држат и немаат никаква основа, оние што ги промовираат го пронајдоа токму сега моментот на криза во општеството и додаваат масло на огнот за да ја разгорат уште повеќе тешката општествена состојба, иницирајќи и внатрешни етнички проблеми, нетрпеливост и наводни дискриминации? Оваа дилема во последно време се рециклира, особено кај некои претставници на малцинските заедници, кои го поставуваат прашањето за правата на помалобројните заедници, низ чудно извртена диоптрија.
Еден таков пример е и писмото објавено на нашите страници, напишано по повод празникот Илинден, во кое се вели дека некои работи се премолчуваат и не им се дава никакво значење, а тоа е прашањето за местото, улогата и учеството на Власите во историјата на Македонија, како во далечното минато така и за Илинденското востание во 1903 година, а особено за состојбата на влашкото малцинство во државата денес.

Според него, денес младите Власи во Крушево и во Северна Македонија, 99 отсто, не го зборуваат својот мајчин јазик.
– Сигурен сум дека во Крушево нема семејство што навечер седнува на софра/маса да вечера и да си разговара на влашки јазик. Сигурен сум дека во Крушево, на улица, не може да се видат деца на шест-седумгодишна возраст што си играат и си зборуваат, се караат, се пцујат на својот сочен влашки јазик.
Во таквиот контекст, низ констатацијата во писмото дека „таква е состојбата во Северна Македонија денес“, и поставеното реторичко прашање дали тоа е само нивна вина или одговорите треба да се бараат на друго место, се сака одговорноста да се префрли или бара од државата, која во своето позитивно право предвидела овозможување малцински права многу пошироки од меѓународните конвенции и резолуции. Уште повеќе, споредбата на малцинските права во Македонија и во регионот е речиси невозможна, во која било смисла на зборот, особено во една компаративна анализа на третманот на малцинските заедници меѓу Македонија и другите држави на Балканот (особено Република Бугарија, Република Грција и Република Албанија).

Според нашата анкета со повеќе експерти, Македонија има респективна традиција, во која се наталожени повеќе цивилизациски слоеви, културни, етнички и конфесионални влијанија, кои општеството го прават мултикултурно, мултиетничко и мултиконфесионално. И сето тоа е преточено во уставна и законска рамка. Оние што се занимаваат со малцинските права во земјава велат дека Македонија според сите извештаи за почитување на човековите и малцинските права со години е оценета со највисоки оценки. Речиси нема никакви забелешки од меѓународната заедница за непочитување на правата на некоја етничка заедница.
Малцинствата во Македонија можат слободно да ја искажуваат својата етничка припадност и да ги негуваат и развиваат своите културни и јазични посебности низ образованието и низ политичките и општествените процеси.
И политичарите со кои се консултиравме во однос на прашањето за малцинските права го делат ова мислење.

Пратеникот Антонио Милошоски во многу наврати истакнал дека Македонија може да се нарече земја со најдобро досие, спомнувајќи ги правото на образование на мајчин јазик, вклученоста во политичкиот живот, во сите власти, во функционирањето на сите сфери во државата. За разлика од ова, тој изрази незадоволство од третманот на македонското малцинство во некои од соседните земји.
Пратеничката Лилјана Поповска повеќепати укажала дека Македонија е убав пример за почитување на ромските права и вклученост во политичкиот живот. Таа додаде дека нашата земја е дел од Декадата на Ромите и дека Владата презема низа мерки за вработување на Ромите во јавниот и приватниот сектор и посебни програми за подобрување на нивното образование.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според Иван Стоилковиќ, состојбата со почитувањето на малцинските права и правата на малцинските заедници во Република Македонија е на сериозно високо ниво.
– Во таа насока, многу е направено за малцинските заедници. Меѓутоа, работите никогаш не се завршени, односно секогаш постојат работи што треба да се доуредуваат. Како и да е, имаме направено сериозен напредок – рече во една пригода Стоилковиќ.

Според граѓанската активистка Мерсиха Смајловиќ, од 2017 година, бошњачката заедница, по десет години експериментална настава на босански јазик, веќе добила решение за изведување настава на босански јазик од страна на Министерството за образование и наука.

Аналитичарот Петар Арсовски, пак, обрна внимание на една друга појава на фаворизирање и давање преференцијален статус на едно од етничките малцинства, а преостанатите поради тоа се запоставуваат. Тој вели дека Македонија е ретка земја во светот каде што една етничка заедница (албанското малцинство) е во поголем број од другите помалобројни етнички заедници.

– Во Македонија има доминација на најголемото малцинство. Помалите малцинства реално се запоставени. Една е причината што тие се многу мали заедници, а и државата реално нема голем капацитет да вложува во остварување на нивните права. Ретки се земјите како Македонија каде што има едно малцинство застапено со можеби над 20 отсто и малцинства со застапеност од пет отсто – додава Арсовски.
Според заменик-директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ), Џелал Хоџиќ, правата на граѓаните произлегуваат од Уставот и законите и негово мислење е дека ние имаме Устав и закони што даваат една добра рамка, која има доволно ширина за сите да се чувствуваме комотно и задоволно во оваа наша заедничка држава.

– Тоа што може да се посочи како проблем досега се следниве две работи: владеењето на правото и политичката желба да се решаваат проблемите, кои бараат различни решенија за разни ситуации. Со цела одговорност тврдам дека Владата предводена од премиерот Зоран Заев покажува сериозна политичка волја да ги решава проблемите на помалобројните етнички заедници. Концептот „Едно општество за сите“ е нешто во кое сите помалобројни заедници полагаат сериозни надежи. Ако ме прашувате мене, овој концепт нема подобра алтернатива за нашата заедничка држава. Што се однесува околу владеењето на правото, за жал, како што гледате деновиве, тука нашето цело општество, а особено институциите на системот имаат сериозни предизвици – вели Хоџиќ.

Тој се согласува дека во општеството постои перцепција дека државата има двојни стандарди кога станува збор за помалобројните етнички заедници.
– Особено кога се носат одлуките и кога се распределуваат позициите од кои може да се направи сериозна промена во општеството. Ако ги видите дискусиите и работата на претставниците на помалобројните заедници во Собранието, или оние што така се претставуваат, ќе ви стане јасно зошто е таквата перцепција. Главните фрустрации доаѓаат од лошата политичка претставеност на заедниците, а не од двојните стандарди на државата. Загарантирани пратенички места за помалобројните заедници или една изборна единица без изборен праг би можеле да го решат овој проблем. Тоа е начин да се создадат автентични претставници на заедниците, кои нема да ги продадат интересите на своите заедници за лични интереси.

И покрај тоа што рамковниот договор и неговите одредби се реализираа и де јуре и де факто во општествениот живот во државава, повторно се судираме со појавата дека на еден дел од етничките ентитети или, попрецизно кажано, на поединци од кај малцинствата, апетитите останаа незаситени.

Различностите секогаш ја правеле Македонија тоа што е. Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите и другите етникуми се дел од државата и имаат свои заслуги за тоа што е Македонија денес. Агендата што ја туркаат повторно таквите поединци, извртувајќи ги фактите во лага и лансирајќи лажни вести и пропаганда за деструктивни цели, треба веднаш да бидат препознаени и да се осудат, бидејќи се на штета на сите граѓани на нашата татковина, без разлика на нивната различност.


Помалобројните заедници биле отсекогаш во македонскиот Устав!

Македонија е држава во која етничките заедници што живеат во неа се набројани и во Уставот на државата и на тој начин е изразена нивната важност во создавањето на македонската држава. Тоа е уште еден сегмент на признавање на нивните права.
– Граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните што живеат во нејзините граници, кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, ја преземаат одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на сѐ што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро – пишува во преамбулата на Уставот.