На акушерското одделение при Општата болница во Кочани во текот на 2019 година се родиле 30 бебиња повеќе во споредба со претходните години.

Од болницата истакнаа дека зголемувањето на бројот на породувањата во голем дел е резултат на напорите за подобрување на техничко-кадровските капацитети на здравствената институција, со што таа постепено ја враќа довербата меѓу родилките од регионот.

– За разлика од последните години, кога на нашето акушерско одделение бројот на породувањата беше во постојано опаѓање, лани имавме нешто повеќе од 200 породувања, што е пораст од околу 20 отсто. Тоа ни дава позитивни очекувања дека одделението ќе се одржи, а во меѓувреме на специјализација се испратени тројца лекари за гинекологија и интерни болести, а ќе добиеме и уште еден педијатар, покрај сегашните четири. Исто така, специјалистичко звање треба да добијат уште осум лекари за ортопедија, хирургија, за ушни болести, рентгенологија и стоматологија.

Очекуваме по завршувањето на специјализацијата и нивното враќање во нашата болница да ги докомплетираме сите одделенија каде што подолг период има недостиг од лекари – изјави Александар Серафимов, директор на Општата болница во градот.