За релативно краток период, меѓу другото, се случи трагичната сообраќајка на автобус на патот Скопје – Тетово во која загинаа 16 луѓе, подоцна се запали и автобус со туристи, воз излета од шините во близината на Куманово, а на сето тоа се појавија и шпекулации во однос на исправноста на радарскиот систем на скопскиот аеродром. Од повисоко ниво, засега, никој не одговараше за тоа

По серијата сообраќајни несреќи и инциденти во првите шест месеци годинава, неминовно се поставува прашањето дали им е загрозена безбедноста на патниците во државата, но и колку функционира целиот систем за безбедност во сообраќајот и дали надлежните понесуваат одговорност, кои, барем според општиот впечаток, секогаш кога ќе дојде до некој несакан настан најмногу енергија вложуваат во тоа како да ја избегнат вината, наместо да го лоцираат проблемот и да се зафатат со негово решавање.
За релативно краток период, меѓу другото, се случи трагичната сообраќајка на автобус на патот Скопје – Тетово во која загинаа 16 луѓе, подоцна се запали и автобус со туристи, воз излета од шините во близината на Куманово, а на сето тоа се појавија и шпекулации во однос на исправноста на радарскиот систем на скопскиот аеродром.

– Општо, состојбата е како во целата држава, се живее и се работи од денеска до утре. Секој секого обвинува и секој се вади со некој што бил пред него… Генерално, состојбите не се розови и, би рекол, каква што е политиката во државата, таква е и во железницата. Овој сектор не може да го водат политичари, но кај нас тоа е така – објасни Латко Јовановски од Независниот синдикат на машиновозачи и железничари, коментирајќи ја последната несреќа со товарниот воз што излета од шините кај Куманово.
Одговорност се бараше и по трагичната несреќа на „Дурмо турс“, а епилог се шест кривични пријави за газдата на компанијата, раководител и вработени во станицата за технички преглед. Одговорност од повисоките инстанци нема.
– Во секоја работа, па и во сообраќајот постои хиерархија на правата и одговорностите. Мора точно да се знае кој и за што е одговорен и да си понесе дел од одговорноста доколку се случи нешто – вели Борис Мургоски, професор на Факултетот за безбедност.

Наспроти сето тоа, од Министерството за транспорт и врски и понатаму уверуваат дека безбедноста на сообраќајот во земјава не е загрозена по ниту една основа.
– Станува збор за изолирани случаи, така што не може да се каже дека безбедноста е загрозена. Истрагата за причините што доведоа до излетување на товарниот воз кај Куманово е во тек и подоцна ќе се знае што го предизвикало инцидентот. Има некои информации дека наводно товарот не бил добро распределен, но оставаме истрагата да го утврди тоа – изјави Кире Коцевски, портпарол во министерството. Тој додаде и дека за несреќата со автобусот на „Дурмо турс“ причина биле неисправни сопирачки и пропусти направени во станицата за технички преглед, која, како што посочи, е во надлежност на МВР.

Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство Томислав Тунтев, пак, се огласи во воопштена изјава и уверување дека нивен приоритет е да се зачува безбедноста на патниците во воздухопловите, без конкретно да се изјасни во однос на шпекулациите за неисправниот радарски систем. Дека ситуацијата е далеку од розова констатираа и некои од пратениците, кои побараа собраниската Комисија за транспорт и врски да расправа за безбедноста во авионскиот, патниот и железничкиот сообраќај. Отчет ќе треба да даде министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски.