Во Палатата на Обединетите нации во Женева, вчера се одржа пленарна сесија на Советот за човекови права на која се усвои одлука за исходот на третиот универзален периодичен преглед на човековите права во Република Македонија.

Делегацијата на Македонија беше предводена од Светлана Гелева, директор за мултилатерални односи и безбедносна соработка во Министерството за надворешни работи.

Гелева во своeто обраќање пред Советот за човекови права ги презентираше ставовите на Република Македонија во однос на препораките добиени за време на интерактивниот дијалог по презентацијата на Националниот извештај во рамки на третиот циклус на универзалниот периодичен преглед, на 32-та сесија на работната група, во јануари 2019 година. За време на сесијата во јануари беа дадени 169 препораки, од кои 167 се прифатени од страна на Владата. Голем дел од добиените препораки се во согласност со приоритетните области на дејствување на Владата, а се однесуваат на областите: недискриминација и родова еднаквост, елиминација на насилството врз жените, реформа на правосудниот систем, борба против корупцијата, слобода на изразување и медиуми, унапредување на состојбата на малцинствата со посебен фокус на Ромите, правата на лицата со попреченост, реформите во здравството, итн, соопшти МНР.

– Политиката за човекови права се базира на испреплетени процеси за идентификација и реализација на националните приоритети, како и имплементација на нашите меѓународни обврски, вклучувајќи ги и препораките од УПП и договорните тела на ОН, како и обврските поврзани со интеграцијата во ЕУ – нагласи Гелева.

Со свои коментари во дискусијата се вклучија низа држави, главно со позитивни оценки за активностите на Македонија за подобрување на состојбата со човековите права во државата, а изразија и благодарност за прифаќањето на нивните препораки.