Во прифатниот центар во Визбегово ќе се гради населба за бездомните лица кои до неодамна живееjа под Кале, а не камп за мигранти, објави денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовскa на својот „Фејсбук“ профил. 

ВМРО-ДПМНЕ, наведува Царовска, шири лажни вести дека во прифатниот центар во Визбегово ќе се градат бегалски кампови.

– Ги повикувам граѓаните да не наседнуваат на лажните документи кои се споделуваат по социјалните мрежи. Вистината е следната: Во прифатниот центар во Визбегово ќе се гради населба за бездомните лица кои до неодамна живееа под Кале, а не камп за мигранти. Оваа одлука е усвоена уште пред една година со која Владата трајно ќе им обезбеди дом на повеќе 80 лица кои живееја на улица. Очигледно паниката кај ВМРО-ДПМНЕ е преголема па се спремни ваквите хумани решенија да ги злоупотребуваат. Повторно јасно порачуваме – бегалски кампови нема да се градат и бегалци нема да се населуваат во нашата земја- стои во објавата.

Општина Карпош, претходно денеска, исто така, ги демантираше информациите кои се пласираа на социјалните мрежи дека таков прифатен центар ќе се гради во Бардовци.

– Општина Карпош, до овој момент, нема примено никаков допис во вид на Барање информации и податоци за доставување државна урбанистичко – планска документација за прифатен центар за странци во Бардовци, од страна на Агенцијата за планирање на просторот. Општина Карпош исклучиво опстојува на определбата за плански развој на локалната самоуправа, а прифатниот центар за странци не е дел од планот за развој на Бардовци или на кој било друг дел од Карпош- се вели во соопштението до општина Карпош.