Припадниците на Армијата ќе може уште утре да бидат распределени низ здравствените институции, изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

– Вчера го донесовме нашето барање како Влада, испратено е до претседателот, јас очекувам дека во текот на денешниот ден врховниот командант на АРМ, а тоа е претседателот, ќе даде зелено светло и системот за поддршка ќе може да функционира уште утре – рече Шекеринска.

Војниците ќе бидат распределени по барање на здравствените институции, бидејќи според министерката здравствените лица треба да се посветат само на нивната работа, а не да се грижат кој е пред болниците.

Министерката изјави дека една од причините зошто беше даден предлогот за кризна состојба е затоа што во вакви услови можеме да ги користиме армиските сили.

– Согласно нашиот Устав и нашите законски одредби, АРМ не може да биде употребена во овие услови надвор од кризна и воена состојба – рече Шекеринска.