Началникот на вооружените сили на Холандија, адмирал Роб Бауер, кој престојува во тридневна официјална посета на земјава, денеска престојуваше во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана.

Притоа Бауер остварил средби со својот домаќин, началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Ѓурчиновски со својот колега разговарал за можностите за унапредување на идната соработка меѓу земјите како НАТО-сојузници, особено во процесот на воената едукација, како и соработката на оперативно рамниште преку изведување заеднички воени вежби со користење на капацитетите на армискиот полигон Криволак.

Адмиралот Бауер изразил подготвеност за интензивирање на понатамошната соработка и стручна помош во процесот на целосно интегрирање во структурите на НАТО.

За време на средбата со министерката Шекеринска исто така се разговарало за можностите на унапредување на билатералната соработка и новите предизвици во одбраната.

Холандската делегација за време на официјалниот состанок се запознала со мисијата и задачите, процесот на трансформација на македонската армија, учеството во мировните операции, како и за облиците и можностите за вежбовни активности помеѓу двете армии.

Делегацијата ќе го посети и баталјонот за специјални намени во касарната Илинден и ќе се запознае со активностите и со обученоста на оваа единица преку изведба на показна вежба. Во текот на денот делегацијата ќе го посети и кампот за обука на вода во Охрид каде што ќе се запознае со мисијата и задачите и на оваа армиска единица.

Адмиралот Бауер ќе оствари средба и со претседателот и врховен командант на армијата, Стево Пендаровски.