Американскиот мировен корпус продолжува да ги поддржува заложбите на Владата и да дава свој придонес кон развојот на општеството и сите негови сегменти, а особено преку поддршка на политиките за унапредување на квалитетот на воспитно – образовниот процес во училиштата, со акцент на инклузивното образование и изучувањето на англискиот јазик, истакнуваат од Министерството за образование и наука.

Од таму информираат дека денеска беше потпишан меморандум за соработка помеѓу Министерството за образование и наука и Мировниот Корпус во Република Македонија, од страна на министерката Мила Царовска и директорката на американската организација Дебора Конер.

– Со потпишување на меморандумот за соработка ја продолжуваме и зајакнуваме одличната соработка со оваа организација во делот на настава по англиски јазик и за поддршка на инклузивното образование. Досега над 800 волонтери имаат служено во училиштата, општините, граѓанските организации, социјални установи, со цел да одговорат и да помогнат во задоволување на различните потреби на заедниците ширум земјата. Голема е честа да се соработува со Американскиот мировен корпус, а искуството е од непроценливо значење за нас како земја во развој – рече Мила Царовска.

Министерката додаде дека активностите на Мировниот корпус ќе помогнат во исполнувањето на активностите од Стратегијата за образование 2018-2025, но и на спроведувањето на низа други стратешки документи од оваа област.

Согласно потпишаниот меморандум за соработка, предвидено е волонтерите на Мировниот корпус да бидат ангажирани во училишта во рурални и урбани средини, како поддршка на наставниот кадар при предавањето на англискиот јазик, но и во подучувањето на учениците за важноста на процесот на инклузија.

Мировниот Корпус е американска невладина организација посветена на светскиот мир и дружење. Организацијата работи преку волонтери кои две години живеат и работат во локалните заедници. Основана е во 1961 година од страна на претседателот Џон Ф. Кенеди. Повеќе од 7.000 граѓани волонтери на САД во изминатите 2 децении ги спроведуваа принципите на Мировниот корпус во Република Македонија и даваа придонес во напорите за подобрување на состојбите во образованието, во развојот на дијалогот меѓу заедниците и промоцијата на државата.