Фото: Игор Бансколиев

Многу мал процент од населението што е над 50-годишна возраст поседува компјутерски вештини и поради тоа тешко доаѓа до работа или, пак, остварува деловни резултати. Ова се резултатите до кои дојде здружението за развој на информатичко општество „Информак“ од Струмица, заедно со партнерски организации од Бугарија, Шпанија, Португалија и од Естонија, бидејќи и од тамошните возрасни ретко кој има познавања од ИТ.

Според информациите на ИТ-организациите, во иднина се планира на оваа тема да бидат објавени три научни труда како возрасните да стекнат основни компјутерски познавања, а се чека да излезе и мобилна апликација на пет јазици, меѓу кои и на македонски јазик.

Како што информираат од организациите, проектот се реализира преку „Еразмус“, програма на ЕУ, за образование за возрасни, а освен во земјава, тој паралелно се спроведува и во повеќе држави од регионот, со финансии обезбедени од европските фондови во висина од 170 илјади евра.