Пругата Битола - Солун завеана под снег

Предновогодишните посакувања на битолчани во пресрет на Новата година, за патување со воз од Битола до Солун, не се остварија. Битолчани, како и секоја година, така и овој пат за новогодишните и божиќните празници во голем број отпатуваа за соседна Грција, но тоа го направија како и вообичаено во изминатите три децении, во сопствена режија, или со автобуси на туристичките агенции. Ветувањето од страна на Министерството за транспорт и врски и локалната власт дека, по 32 години, битолчани ќе можат да патуваат за Солун со воз не се оствари.

Новопоставената железничка пруга во Битола деновиве е целосно покриена со дебела снежна покривка. Во железничката станица во Битола ни рекоа дека немаат никакви информации, зошто возот не тргна за Грција од Битола и кога тој конечно ќе тргне од Битола за Солун. Неодамна, по посетата на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, кои заедно со градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, извршија увид до каде се изведбените работи на пругата Битола – Солун, беше објавено дека според тоа како се одвиваат работите на пругата, најверојатно за Нова година битолчани ќе можат да патуваат за Грција со воз.

Железничката пруга кон соседна Грција ќе биде завршена до крајот на годината. Градежните работи околу пругата се приведуваат кон крај, а комплетно е завршен делот на поставувањето на шините. До Нова година се очекува да завршат и преостанатите придружни делови, како сигнализацијата, паркингот, електричната енергија, железничката станица кај ИЗ Жабени и други дополнителни компоненти. Пругата ќе биде пуштена во употреба до Нова година, а паралелно и од грчка страна се преземаат сите зафати за да може оваа делница да стане функционална, беше ветено од вицепремиерот Кочо Анѓушев, кој изрази оптимизам дека за скоро време битолчани ќе можат со воз да патуваат до Солун.

– Најбитно за нас во моментот е да овозможиме оваа пруга да биде функционална. Во делот на возобновување на возовите размислува Владата, а со вицепремиерот и со директорите на „Транспорт и железници“ разговаравме да се направат поправките во делот на локомотивите и, се разбира, дека дел од тие локомотиви ќе бидат во употреба, а сѐ што треба дополнително да се набави ќе биде направено од наша страна. Целта е оваа пруга да биде функционална и граѓаните да ги користат два-три или дополнително колку треба возови да бидат набавени, доколку е потребно – истакна тогаш министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски.

Инаку, деновиве на железничката станица во Битола, која изгледа сосема пусто, се добива впечаток како времето да застанало овде. На перонот беше паркиран само возот, кој чекаше да тргне за Скопје. За тоа како изгледа железничката станица деновиве во Битола, најдобра потврда е што тука на перонот е застанат и часовникот што треба да го покажува точното време на поаѓање и доаѓање на возот.
– Ова беше проект со многу технички проблеми и тешкотии во изведбата. Имаше претходно изведувач што не ги заврши работите. Вложивме голем напор за да се надминат проблемите како од технички, така и од финансиски аспект. Железничката пруга со сите свои сегменти ќе биде завршена до крајот на оваа година. Целокупните градежни работи се завршени, останува да се надеваме дека до Нова година ќе ги видиме и првите возови како ќе поминат низ оваа пруга – беше оптимист министерот Кочо Анѓушев.

Новата железничка пруга не само што ќе придонесе за поголема и почеста комуникација на битолчани со Грција, туку во голема мера ќе ја подобри и бизнис-климата, особено на фирмите што имаат свои капацитети во индустриската зона Жабени, кои ќе можат своите производи, наместо со камиони, со воз да ги доставуваат до солунското пристаниште.

Проектот за нејзино обновување беше едно од големите ветувања на претходната власт, која вети дека пругата ќе биде изградена до јуни 2016 години. Но тогашниот бугарски конзорциум, кој го доби тендерот за изградба на пругата, не само што не ја изгради пругата туку најголемиот број подизведувачи ги остави без пари, па Владата мораше да им го одземе проектот и да заведе судски спор со бугарскиот конзорциум.
Новата влада пролетоска вети дека ќе се изгради пругата и таа забрзано се градеше изминатите месеци. Станува збор за проект вреден 17,2 милиони евра, од кои 6 милиони евра се ИПА-средства, а 11 милиони евра се средства од буџетот на Македонија.