Министерството за здравство информира дека шоферот на автобусот со кој допатуваа двајцата новозаболени пациенти е негативен на коронавирусот.

Тој денеска со нова тура патници од Италија беше пречекан на граничниот премин Табановце. Автобусот беше тргнат на страна, а до добивањето на резултатите од тестот, тој и патниците беа во неколкучасовна изолација во објект на Царинската управа на граничниот премин.

До истекот на 14-от ден од периодот на инкубација, пресметано од последниот ден на контакт со заболените (27 февруари), шоферот, со решение на ДСЗИ, останува во домашна изолација, под здравствен надзор на епидемиолозите.

Патниците кои денеска пристигнаа со него, по прегледот од епидемиолозите на граничниот премин при кој кај ниту еден не е индицирана болест, се пуштени дома. Тие немале контакт со позитивен пациент, но дадени им се препораки, доколку почувствуваат некои симптоми, да не одат по здравствени институции, туку веднаш да се јават во центрите за јавно здравје.

По денешната пресконференција, според последната информација добиена од МВР, вкупниот број на патници во автобусот со кој на 27 февруари пристигнале заболените пациенти е 28. Оваа бројка ги вклучува шоферот-сега веќе тестиран и негативен, двајцата заболени пациенти и тројца патници кои ја напуштиле земјата. Сите 22 останати се идентификувани и контактирани. Со решение на ДСЗИ за здравствен надзор со полициска придружба сите остануваат во домашна изолација, а за непостапување по решението следат правни консеквенци.