ВМРО-ДПМНЕ најави дека утре ќе протестира во повеќе градови во државата против криминалот, корупцијата, неправдите и прогонот.

Ќе се протестира со возила во Скопје, Велес, Охрид, Куманово, Прилеп, Штип и во Битола со почеток во 18.30 часот.

Протестот со возила на територијата на град Скопје ќе почне од СЦ „Јане Сандански“, па сè до Владата на Република Македонија.

– Македонија стана земја на криминалци, мафијаши на власт и неправда. Има за врхушката на власт, а нема за народот. Прогонот на политички неистомисленици стана секојдневие од страна на власта, која го прикрива стравот од казната што им следува од народот. Криминалот и корупцијата на власта се сериозни проблеми со кои се соочува државата, а вмешаноста во корупциски скандали и афери на луѓе од власта и блиски до Заев стана нормалност. СДСМ и Заев мора да заминат на темната страна на историјата, а Македонија мора да биде правна држава, во која ќе владеат законите еднакво за сите – велат од опозициската партија.

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓани да му се приклучат на протестот.