Фото: Маја Јаневска-Илиева

За време на денешната средба на работните групи на Владата и ВМРО-ДПМНЕ во Министерството за правда не бил постигант напредок за законот за јавното обвинителство.

Министерката за правда, Рената Дескоска рече дека на денешната средба станало збор за продолжувањето на постапките и користењето на доказите собрани досега. Таа истакна дека ВМРО-ДПМНЕ останале на нивното барање постапките кои се отворени во првите 18 месеци од формирањето на СЈО да бидат запрени, а доказите неупотребливи, што за власта е неприфатливо.

– Тоа значи дека ако им е замрзнат имотот како партија, треба да биде одмрзнат, ако се изречени мерки на претпазливост и за јавување во суд – да престанат. Таквите ставови се неприфатливи – оцени Дескоска.

Опозицијата останува на ставот дека за предметите на СЈО кои се отворени по истекот на рокот од 18 месеци треба да се произнесе Венецијанската комисија. Власта вели дека со тоа се одолговлекува процесот, а роковите течат. Сепак, Дескоска најави дека Владата е подготвена по донесувањето да го испрати законот до Венецијанската комисија и мислењето да биде инкорпорирано во законот.