Јавните и кабинетските службеници коишто работат на односите со јавност треба да ја кажуваат вистината, да бидат непристрасни, да бидат внимателни во својот пристап, да ја задржат објективноста, да носат одлуки исклучиво врз база на претходна анализа на факти, да ги стават обврските коишто произлегуваат од службата пред личните интереси, да се свесни за постоење на судир на интереси и да го одвојат приватното од професионалното делување. Ова се наведува во документот „Комуникациска стратегија на Владата на Република Северна Македонија за 2019 – 2020 година“ кој го објави денеска Владата.

Во него Владата објавува 9 правила за однесување на владините службеници на социјалните мрежи, со кои им се препорачува да не објавуваат и споделуваат навредливи содржини, а за она што не се сигурни дали е соодветно за јавност да побараат совет од колега или од претпоставениот пред да го објават. Исто така:

  • Не се објавуваат, ниту се споделуваат информации со коишто би се прекршиле нечии авторски права.
  • Не се објавуваат, ниту се споделуваат информации со коишто би се извршило селективно промовирање или фаворизирање на одреден правен или приватен субјект, со што би се влијаело врз создавање нелојална конкуренција
  • Не се објавуваат, ниту се споделуваат информации коишто се класифицирани или имаат таков сличен статус или информации коишто би ги изложиле Вашите колеги и Вас лично на ризик, без разлика дали станува збор за криминал, тероризам или шпионажа. Информации поврзани со криминал, тероризам или шпионажа се пријавуваат кај соодветен орган/институција или кај претпоставениот.
  • Не се објавуваат, ниту се споделуваат фотографии на коишто може да се препознае идентитет на малолетно лице, без претходно да се добие писмена дозвола од нивните родители/старатели, освен во случај кога настанот е јавен и е на отворено.
  • Не се објавуваат, ниту се споделуваат содржини за коишто не сте сигурни дали се соодветни за јавност. Во овој случај треба да се побара совет од колега или од претпоставениот.
  • Нови информации коишто за првпат се изнесуваат во јавност треба премиерно да се објавуваат на официјалните канали на Владата или на највисоките претставници на институциите.
  • Не се објавуваат неточни информации или шпекулации со коишто на кој било начин би ги довеле граѓаните во заблуда.

Документот содржи кодекс за однесување на владините службеници со јавноста во кој се наведува дека објавувањето содржини во лично име може да се поврзе со позицијата и институцијата во којашто работи владиниот комуникатор, односно работната позиција како владин комуникатор и приватноста на личноста се тешко раздвојливи. Поради тоа, секоја содржина на личниот профил може да биде третирана и перципирана како став на институцијата, дури и во случаи кога ставот е нагласен како личен. Треба да се има предвид дали споделената содржина може да предизвика негативен публицитет и нарушување на угледот на институцијата во којашто работи владиниот комуникатор.

-Споделените содржини на личните канали на социјалните медиуми можат да станат јавни, дури и ако се споделени исклучиво на приватни и затворени канали. Учеството во евентуални политички или јавни дискусии и активности коишто може да ја компромитираат непристрасноста на владиниот комуникатор треба целосно да се избегнуваат. Активностите на владините комуникатори, како претставници на извршната власт, се под посебен мониторинг од граѓанското општество, од политичките субјекти и од медиумите, со што се мери поведението на извршната власт. Несоодветните комуникации коишто содржат дискриминирачка, навредувачка, заканувачка содржина, или елементи на говор на омраза, можат да бидат пресликани како карактеристики на институцијата којашто ја претставуваат владините комуникатори. Ваквите објави секогаш треба да се избегнуваат- се вели во документот.

Содржините споделени преку социјалните медиуми имаат еднаква важност со содржините споделени преку кој било друг традиционален или електронски медиум. Оттука, на приватните канали на социјалните медиуми треба да избегнуваат:

-Промовирање на партиско-политичка пристрасност;

-Активности коишто предизвикуваат негативна репутација за институцијата во којашто работи владиниот комуникатор или за друга институција;

-Недоречености и нејасни информации коишто оставаат простор за различни толкувања или изменет контекст;

-Навреди, говор којшто поттикнува омраза и дискриминација или така може да биде протолкуван;

-Објавување класифицирани информации или службени содржини коишто сѐ уште не се објавени во јавност; Учество во незаконски активности или несоодветно однесување;

-Кршење на условите коишто се однесуваат на работниот однос на владиниот комуникатор, на каков било начин.

Објавувањето во текот на работното време е несоодветно. Владините комуникатори, како и сите други јавни службеници и претставници на институции, имаат јавно достапни работни позиции и работно време. Секое објавување на содржини на социјалните медиуми во текот на работното време може да биде третирано како избегнување на работните задачи и со тоа да се нанесе негативна репутација на институцијата во којашто работи владиниот комуникатор”.

Како што информираат од Владата, целта на оваа стратегија е да обезбеди видлив и достапен систем за односи со јавност, како целосно нов концепт за активна транспарентност и отчетност на владините институции кон граѓаните. Стратегијата обезбедува нова комуникациска култура за критичка и слободна јавна дискусија во иницирањето, креирањето и спроведувањето на амбициозната програма за политички и демократски реформи и за враќање на довербата на граѓаните во институциите на системот. Со овој документ дефинирани се правци за професионален развој на владините комуникатори, стандарди за кампањи од јавен интерес, а за прв пат е усвоен и етички кодекс за владини комуникатори. Според овие стандарди, владините комуникации, и практично и официјално, се подредуваат според правилата на етичкото, одговорно и професионално комуницирање.

Стратегијата, како концепт за отвореност и сервисна ориентираност на Секторот за односи со јавноста на Владата не е наследена, ниту можеше да се најде низ институционалните протоколи за работа на Владата до 2017 година. Во изработката на стратегијата со свои визии, водство и придонес, учествуваа и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министрите и владините комуникатори, а при тоа во целост беа земени предвид и гласот и ставовите на јавноста и на медиумите, како и демократските вредности, како што се отчетноста, услужноста и слободата на изразувањето.

Комуникациската стратегија ги утврдува и ги става на увид на јавноста организациската поставеност на ПР секторот, целите и функциите на еден професионален систем со план за комуникации за петте стратешки столба на владините политики како што се: Ние сме НАТО, одиме во ЕУ; Силна економија – шанса за сите; Држава за граѓаните – вложуваме во луѓето, се грижиме; Едно општество, праведно и еднакво за сите; и Отворена влада во служба на граѓаните.

-Стратегијата за комуникација со јавноста за 2019-2020 е резултат на речиси двегодишен ангажман и соработка на владините службеници за односи со јавност кои, согласно определбата на Владата да биде отворена, се вложија во создавањето систем за демократски и сервисен систем за владини комуникации, остварен во соработка со Владата на Обединетото Кралство, на УСАИД и на Институтот за комуникациски студии- се додава во соопштението.