Владина делегација денеска присуствуваше на свечената литургија по повод најголемиот православен празник Христово Воскресение – Велигден, во Соборниот храм Св. „Климент Охридски“ во Скопје. Со свечената Велигденска литургија чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Тој пред верниците меѓу другото порача дека како што простувал Исус, така и ние граѓаните треба да знаеме да се покаеме и да му простиме на оној што ни згрешил.

-Човечки е да се греши, но човекот е уште поголем ако знае да простува- порача поглаварот на МПЦ-ОА.

Како што информираат од владината прес-служба, членовите на владината делегација на крајот од Велигденската служба му го честитале празникот на Архиепископот Охридски и Македонски, како и на присутните свештеници и верници со традиционалниот Велигденски поздрав „Христос воскресна – навистина воскресна“.

Делегација во Соборниот храм ја сочинуваа министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за финансии Драган Тевдовски и заменик министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, како и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.

Честитка по повод големиот христијански празник Велигден до Синодот и до свештенството на МПЦ-ОА, упати и премиерот Зоран Заев.

Во честитката до поглаварот на Македонската православна црква, Архиепископот г.г. Стефан, премиерот Заев, меѓу другото пишува:

-Во време на големи предизвици и искушенија, најголемиот христијански празник не потсетува да ја славиме победата на животот над смртта, победата на љубовта и на иднината над омразата и нетолеранцијата. Радоста на празникот со победата на животот над смртта не повикува да ги обновиме духовните сили и да ја зајакнеме нашата посветеност кон највисоките животни вредности како што се заедништвото, меѓусебното разбирање и почитување, љубовта и слогата со сите наши блиски, соседи, знајни и незнајни и пријатели, во заедница еднаква за сите- порачува премиерот.

Заев писмо со честитки упати и до Црковното претставништво и верниците на Евангелско-методистичката црква во земјата.